-Проблемите со кои се соочува системот и неговите недостатоци, не натераа да пронајдеме уште едно алтернативно решение кое функционира во многу европски земји. Од физибилити студијата очекуваме да ни каже дали истата сума на средства која што сега се користи за итната помош и набавка на возила, плати и тренинг на вработените, може да се искористи на порационален начин за да имаме поефикасен систем. Како систем постои делумно во Италија, Велика Британија, постои во некои од покраините на Германија, изјави министерот Филипче.
Тој праша дали здравствениот систем треба да се занимава со набавка на возила и инфраструктура или градење на згради за болници, или едноставно треба да се ослободи од менаџирање на инфраструктурата и да стане систем кој ќе купува услуги?
Министерот Филипче рече и дека брзата помош е терет и непотребен трошок во поглед на одржувањето и сервисот на возилата на брзата помош.
Иако министерството за здравство во својот буџет има предвидено набавка на нови амбулантни возила и ќе опремува возила од МЗШВ за потребите на итната помош, сепак ќе водедува и јавно приватно партнерство, односно купување на услугите на брзата помош, за кое Филипче ветува дека граѓаните нема да имаат никаков трошок и двојно плаќање.
Имено околу 152 организации од 45 земји бараат од ММФ да не поддржуваат јавни приватни партнерства поради корупција и заради договорите во 4 очи и тајноста на договорите помеѓу државата и компаниите, кои не можат да се објават.
За министерот Филипче прашање е дали вреди да се инвестира во државните здравствени болници, и притоа сака да даде можност на приватен инвеститор да изгради болница со приватни здравствени услуги.