Актуелно 12.09.2023 10:51

Фирми на Мијалкови и на Трајче Заев должат четири милиони евра за ДДВ: Кои се најголеми должници на УЈП

Фирми на Мијалкови и на Трајче Заев должат четири милиони евра за ДДВ: Кои се најголеми должници на УЈП

Управата за јавни приходи ја објави листата на должници на која се најдоа 5.105 фирми и граѓани кои имаат доспеани долгови до 31 мај, а не ги платиле до 31 август. Долговите се по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини. За физички лица вкупниот износ на долгот е повисок од 2.000 евра, а за правните лица повисок од 5.000 евра.

Вкупниот долг е во нето износ од 8.210.260.105 денари или повеќе од 133 милиони евра. Од УЈП посочуваат дека тука има намалување од речиси шест милиони евра).

Топ-10 листата на должници ја предводи подружницата на чешката фирма со руски сопственик, „СГСМ Оил Гас Сервис“ која должи 218.853.092 денари, односно над 3,5 милиони евра. Второ е Јавното комунално претпријатие Гостивар кое должи околу 2,3 милиони евра, а на трето место е „Мил Давид ДОО Скопје“ која должи 126 милиони денари.

„Дивелоп Груп ДОО Скопје“, компанија во чија сопственост е хотел „Мериот“ , должи 123 милиони денари за ДДВ и данок на добивка. „Дивелоп Груп„“ е во сопственост на „Бест Веј“ фирма на синот на Сашо Мијалков, Јордан, како и на Александар Ивановски познат како Алек Теранова.

Меѓу најголемите пет должници е фирма на Трајче Заев, братучед на Зоран Заев која е деловно неактивна и има еден вработен, но должи два милиони евра за ДДВ. Оваа компанија е всушност струмичката фирма „Фероцем Плус ДОО Струмица“ основана во јуни 2017 година од Трајче Заев и Јанко Јанев. Таа фирма е преименувана во „Абира Плус ДООЕЛ“ со седиште од Струмица во Куманово, два месеца откако се затвора „Еуростандард банка“ во која должи околу 360.000 евра. Фирмата добива и нов сопственик и управител, Родна Димова која е холандски државјанин.

Меѓу останатите најголеми должници се „Хотел Гранд ДООЕЛ Скопје“, турската „Спектра Јеотек“, од Кратово, „Блек Си Метал Трејдинг“ од Скопје, „Мак Импорт“ од Скопје и Центарот за култура од Тетово, „Иљо Антески Смок“.

Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 8.026.847.383 денари (130 милиони евра) и е помал за 359.229.765 денари (5,8 милиони евра) во однос на претходната листа. За 8.053.977 денари (130 илјади евра) е понизок долгот за царинските давачки, кој на последната листа е во износ од 183.412.722 денари или близу три милиони евра.