Наодите на државниот ревизор за буџетската дупка во Фондот за ПИОМ за познавачите на состојбите не се нималку изненадувачки.
Според поранешната директорка на Фондот, Билјана Јовановска, таа иако низ годините се намалува, во основа е резултат на воведувањето на двостолбениот пензиски систем во 2003 година, кога државата се обврза да и покрива сите транзициски трошоци.
Во разговор за „Локално“, објаснува дека од пензискиот придонес кој е 18,8 %, Фондот за ПИОМ кон приватните пензиски фондови трансферира 6 % од средствата.
„Фондот ќе биде зависен од буџетот се додека не почнат со исплата на пензии приватните фондови (околу 2035 година) и додека Владата води политики за ослободување од придонеси за одредени категории вработени, фирми. А се разбира најважен момент за полнење на буџетот на Фондот е бројот на вработени, односно односот пензионер наспроти вработен кој за жал сега е 1:1,8“, вли Јовановска за „Локално“.
Сите први вработувања од 2003 година па наваму задолжително се членови на двостолбниот пензиски систем, односно покрај во државниот ПИОМ, осигурениците уплаќаат и во приватните пензиски фондови. Трансферот на дел од пензискиот придонес кон приватните фондови, согласно закон, го прави државниот ПИОМ.
„Ваквата распределба значи дека сегашните осигуреници ќе земаат пензија од две места: од ПИОМ и од приватните фондови. И тоа поголемиот дел, некаде околу 60% од пензијата ќе треба да ја обезбедат приватните фондови, а останатот државниот фонд. Средствата што се трансферираат кон приватните фондови одат на лична-индивидуална сметка на осигуреникок кој во секое време може да види колку пари има таму. Задачата на приватните фондови е тие средства да ги инвестираат и умножуваат и тој систем е целосно различен од ПИОМ кој функционира на солидарна основа. Собраните средства во приватните пензиски фондови можат да се остават и во наследство“, објаснува Јовановска.
По низата забелешки дадени од страна на Државниот ревизор во извештајот за работатата на Фондот за ПИОМ за 2022 година, Јованоска потенцира дека Министерството за труд и социјална политика не работи на едукација на осигурениците за тоа како функционира тростолбниот пензиски систем.
Па оттаму според неа, голем дел од граѓаните не знаат дека се осигурани во приватните пензиски фондови и не знаат што да очекуваат во иднина.Во тој контекст Јовановска отвора и нова дилема во однос на висината на пензиска основица.
„Имајќи предвид дека трендот во Европа, а со тоа и кај нас се сѐ порестриктивни мерки во делот на пензискиот систем, крајно време е министерот посериозно да се посвети на пензиските реформи, како и кон третиот пензиски столб. Да бидат концизни и јасни од МТСП и да појаснат на граѓаните дали пензиската основица, согласно законот, се намалува од година в година, така што нашите пензии ќе бидат понеповолни од сегашните?! Секако дека треба да се размислува за третиот столб, како еден вид пензиско штедење, но со сериозен пристап и не на штета на граѓаните кои плаќаат, како и на идните пензионери“, подвлекува Јовановска посочувајчи неколку аргументи од време на своето работење: Трансферот од централниот буџет бил најмал во 2021 соредено со предходни години, на сметките на Фондот на крајот на 2021 имало 6,3 милјарди денари, а на време биле сервисирани и сите обврски за пензионерите.
Буџетската дупка во Фондот за ПИОМ не е изненадување ниту за поранешниот претседател на Сојузот на здруженија на пензионерите и експерт за „трето доба“, Драги Аргировски,.
Според него, ваквата состојба се провлекува уште од од формирањето на Фондот, односно од самостојувањето на нашата држава. Единствената разлика , како што вели, е што тогаш работите биле многу поповолни бидејќи соодносот меѓу пензионерите и вработените бил 1: 6, за разлика од сегашниот кој изнесува 1:1,8.
„Првите проблеми, а со тоа и зголемување на минусот се појавија како последица на процесот на приватизација кога се појавија околу 250.000 стечајни работници, со што се намали вкупниот износ на приходите за Фондот, а се зголемија трошоците’’, вели Аргировски за „Локално“.
Како единствени опции за намалување на континуираниот минус тој ја сугерира потребата од зголемување на бројот на вработени, пвисоки плати но и укинување на законската можност одредени категории вработени ( МВР и Армијата) да заминуваат порано во пензија. Од друга страна, според него, постоечките проблеми со буџетската дупка во Фондот не смеат да се поврзуваат со покачувањата на пензиите.
„Пензионерите имаат право да бараат повеќе бидејќи ова право го стекнале за време на целиот работен век. Да не заборавиме дека дури 150.000 пензионери имаат најниска пензија која се движи до околу 12.000 денари, што ќе се согласите,е премногу малку за пристоен живот“, вели Аргировски.
Како дополнителен проблем ја посочува и премногу големата разлика меѓу најниската и највисоката пензија која изнесува 1:7, за разлика од порано кога тој сооднос бил 1:4.
Инаку, според извештајот на ДЗР, Фондот за ПИОМ има недостаток на средства за исплата на расходите за социјални бенефиции, поради што во 2022 г. се трансферирани средства од Буџетот во висина од 31.022.110.000 денари. Учеството на овие средства во вкупните приходи на Фондот за последните три години има тенденција на стагнација, односно намалување во однос на 2021 г. и изнесува 33,58% од кој 22% се за покривање на тековниот дефицит за исплата на пензии. (lokalno.mk)