Живот 25.03.2021 11:12

ФОТО: Македонец возел „фиќо“ од Неготино до Гетеборг за да му го подари на пријател

ФОТО: Македонец возел „фиќо“ од Неготино до Гетеборг за да му го подари на пријател

Со „фиќо“ произведено во 1978 година, без проблем, неготинецот Дејан Петков стигна од Неготино до шведскиот град Гетеборг.

По извозени 2.460 километри, тој му го подарил автомобилот на пријател, кој имал голем мерак за „фиќовци“. Несекојдневната и необична авантура на Петков поминала со многу интересни моменти. Огромен број возачи, особено во Германија, го поздравувале и му свиреле со автомобилите во знак за поддршка. Во еден момент возачи од Германија барале да застане на патот за да му го видат автомобилот. „Фиќото“ на брод ја поминало релацијата од Росток до Малме.

– По 60 часа стигнавме на дестинацијата. Имам другар во Гетеборг, кој живее таму 28 години и на кој му беше желба и мерак да има „фиќо“, па му донесов. Kупено е за 800 евра, а ќе се вози и понатаму. По пат сите н` поздравуваа, бараа да се сликаат со нас. Kога другар ми го виде, се радуваше како мало дете кога ќе му купиш играчка – ни кажа Петков.

Голем број неготинци, но и Тиквешани воопшто, се љубители на овие мали автомобили. Едни имаат и не ги продаваат, други допрва бараат да си купат, трети се сликаат со нив каде и да ги видат. Таа своја љубов полека ја пренесуваат и на други во светот. Многу од оние што с` уште чувствуваат југоносталгија, велат дека, ете, се работи за југословенска машина. Неретко на социјалните мрежи постираат фотографии на кои позираат крај своето „фиќо“. И Европа е мала за „фиќо“, пишува над една од нив.

– Летово кога бев во Италија се сликав со две италијански „фиат 500“ и „фиат 600“, слични на некогашните југословенски. Јас и Дејан Петков-Попето сме двајца другари од детството, љубители на овие возила. Сум среќавал многу југословенски возила низ Скандинавија, еве фотографија од едно „фиќо“ со шведски таблички. Kај и да одам, ако сретнам наше возило, го фотографирам – рече за „Дневник“ Ангел Арсовски-Kазанова.

Другиот тест со „фиќо“ ќе биде кон Москва, напиша Петков на социјалните мрежи.