Град Скопје со индигнација ги отфрла клеветите на пратеникот Димитар Апасиев, дека „Скопската пајак служба работи во спрега со урбаната мафија“. Градот работи исклучиво во корист на граѓаните и за заштита на јавниот простор. Жителите на општина Аеродром имаат воведено зонско паркирање и можат да паркираат до три автомобили по симболична годишна такса, соопшти Град Скопје.
„Пратеникот паркирал автомобил на улица блокирајќи го протокот на сообраќај и непрописно паркираниот автомобил бил отстранет од службите. Градскиот паркинг постојано добива пријави од граѓани за блокирани тротоари и коловози и постапува по пријавите во согласност со законот.

За службите на Град Скопје законите важат подеднакво за сите, па и за несовесните пратеници кои ги прекршуваат забраните за паркирање на автомобили на коловоз. Град Скопје сака да верува дека заложбата на пратеникот за почитување на законите не е само декларативна и дека истиот мисли дека законите важат за сите, па и за пратениците“, соопшти Град Скопје.
Во продолжение ФБ статусот на Апасиев
Скопската ПАЈАК СЛУЖБА работи во спрега со урбаната мафија!?
Во мое маало, во Аеродром, забележувам дека скоро секое утро по пет-шест пајак возила им ги креваат колите на станарите од пред зграда, на тој начин директно терајќи ги да купуваат паркинг места од инвеститорите и градежните компании.
Во нормална држава, со купувањето на станот ти следува и твое ПАРКИНГ место (пред зграда или во подземна гаража). Но, нашите инвеститори – кои ги подмитуваат градоначалниците со по стан-два за секое издадено одобрение за градба – за да спечалат екстра профит, си соработуваат со локалните власти и сообраќајната полиција, дерејќи го народот со казни, за да го присилат да им ги купува прескапите паркинг места (кои чинат 5-6.000 ЕУР по место).
Оти секое земање на возилото со пајак, ќе те кошта околу 100 ЕУР (2.500 ден. за пајакот + казна за погрешно паркирање). Ете така, мој народе, на дело се дешава она што неолибералните влади го викаат “јавно-приватно партнерство” ?
#Прц
#ПаДаСиГиГласате