Фармацевтската компанија Галеника, една од најголемите производители на фармацевтски производи во Србија и во регионот, го проширува своето работење со преземањето на компанијата Lifemedic d.o.o. од Белград. Со оваа трансакција, Галеника станува сопственик на 100% од српско-словенечката компанија Lifemedic и ја презема ексклузивната дистрибуција на програмата за производи на реномираната италијанска фармацевтска компанија Pharmalife Research, за пазарите во Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Црна Гора.
Трансакцијата ќе биде завршена откако антимонополските комисии на пазарите во Србија, Северна Македонија и Црна Гора ќе го спроведат процесот на одобрување, што се очекува на крајот на четвртиот квартал од 2023 година, по што ќе започне процесот на интеграција.
Компанијата Галеника е стратешки посветена на постојано проширување на својата палета на производи во корист на потрошувачите. Препознатливоста на брендот, квалитетот, доверливоста и довербата во производите на Галеника ја направија компанијата успешна со децении. Со оваа аквизиција, Галеника доследно продолжува да го шири своето портфолио на производи.
– Откако стана дел од бразилската NC групација, Галеника постигна значителен деловен раст и меѓународна експанзија. Купувањето на компанијата Lifemedic и почетокот на соработката со италијанскиот производител Pharmalife Research претставува уште еден чекор во интернационализацијата на бизнисот на Галеника и ја потврдува нашата целосна посветеност на инвестиции и иновации во согласност со современите потреби на потрошувачите. Pharmalife Research има над 400 производи во своето портфолио и извезува во 60 земји низ светот. Среќни сме што најдовме глобален партнер кој ги споделува нашите вредности и посветеност на квалитетот на производите и здравјето – рече Рикардо Вијан Маркес, генерален директор на Галеника.
Lifemedic е српско-словенечка компанија со долгогодишно искуство во дистрибуција на додатоци во исхраната и козметички производи произведени од реномирана биофармацевтска компанија – Pharmalife Research од Италија, а воедно Lifemedic е и ексклузивен увозник и дистрибутер за пазарите во регионот. Компанијата има стабилен двоцифрен раст и партнерства со над 5.000 аптеки и малопродажни синџири низ целиот регион. Pharmalife Research е сигурен фармацевтски партнер во областа на педијатријата, додатоци во исхраната, дермокозметиката и фитотерапијата, како во Италија, така и на меѓународните пазари.
– Квалитетот, доверливоста, иновативноста, научниот пристап и претприемачкиот дух на „Made in Italy“ доведоа до позиционирање на Pharmalife Research и на домашниот и на меѓународниот пазар. Квалитетот на прво место, заедничките вредности и меѓународната амбиција се нешта во кои ја препознавме компанијата Галеника и затоа Галеника ја сметаме за вистински партнер и долгорочна поддршка за соработка во остварување на заедничките глобални цели – рече сопственичката на Pharmalife Research, д-р Ана Крупи.
– После 14 години успешно работење на Lifemedic d.o.o. во Србија и во регионот, како и континуираниот раст и развој на брендот и производите Pharmalife, верувам дека оваа аквизиција со Галеника ќе донесе дополнителна вредност и ќе придонесе за понатамошно распространување на производите на Pharmalife во регионот – изјави Зоран Станимировиќ, извршен директор на Lifemedic d.o.o.