Финансии 15.11.2023 14:20

Генерали Инвестментс: Цените на нафтата паднаа 15% за три недели

Генерали Инвестментс: Цените на нафтата паднаа 15% за три недели

Тимот на Генерали Инвестментс подготви резиме за актуелните настани кои влијаат врз пазарите на капитал.

Нормализирањето на инфлацијата сè уште не е очигледно
Оваа есен берзите ги следат историските сезонски трендови, па така по црвениот септември и октомври следува многу попогоден крај на годината за инвеститорите. На пример, американскиот S&P 500 во ноември веќе доби 5%. Добивката ќе беше уште малку поголема доколку расположението на берзите не го смирија главните претставници на двете најважни централни банки минатата недела. Гувернерот на Банката на федерални резерви Пауел и претседателката на ЕЦБ Лагард ги предупредија пазарите од преголемата возбуда поради неодамнешните податоци за инфлацијата и предупредија дека патот до конечната нормализација на инфлацијата ќе биде долг и трнлив.

Централните банкари се исто така претпазливи поради историските лекции, кои учат дека периодите на висока инфлација често се состојат од неколку „врвови“. Како резултат на тоа, централните банкари ќе бидат повнимателни во напуштањето на строгата монетарна политика. Инфлацијата во 1970-тите, на која Пауел се осврна неколку пати, најпрво го достигна врвот на 12%, потоа падна под 5% во средината на деценијата и надмина 13% во доцните 1970-ти и почетокот на 1980-тите. Дури тогаш гувернерот на ФЕД Пол Волкер ги зголеми каматните стапки за дури 20%, што предизвика голема болка во економијата, но и дефинитивно успорување на растот на цените.

Европските акции солидно се соочуваат со понискиот економски раст
Макроекономските податоци во Европа и понатаму се слаби, а Германија се истакнува во негативна смисла. Индексот на менаџерите за набавка (PMIs) продолжува да укажува на намалување, особено во индустриските активности. По падот на Европскиот БДП од 0,1% во третиот квартал, се чини дека европската економија ќе се бори да избегне техничка рецесија оваа зима. Индексот STOXX Europe малку загуби минатата недела, но и покрај предизвиците со кои се соочува стариот континент, индексот е за 4% повисок од почетокот на оваа година.

Повторно дефлација во Кина
Кинеската берза полошо се бори со заладувањето на домашната економија. Индексот Shanghai Composite изгуби добри 2% од почетокот на годината. Најновите економски податоци уште еднаш ги намалија надежите за брзо закрепнување. Кинескиот извоз се намали за 6,4% на годишно ниво, а инфлацијата повторно беше негативна – цените мерени со CPI паднаа за 0,2% на годишно ниво.

Активноста на пазарот на обврзници и понатаму е раздвижена
Поради зголемениот обем на емисија, аукциите на американски државни обврзници добија невообичаено големо внимание од инвеститорите. Инвеститорите внимателно следат како побарувачката за обврзници ќе ја следи зголемената понуда. Минатата недела, слабата побарувачка за новоиздадени 30-годишни обврзници во САД предизвика зголемување на бараните приноси на пазарот на обврзници. Бараните приноси на најследените државни обврзници се под октомвриските нивоа, но нестабилноста останува зголемена. Инвеститорите за 10-годишната американска државна обврзница на крајот од минатата недела бараа 4,63%, а за сличната германска обврзница 2,7%.

Нафтата најниска во последните месеци
Слабиот економски раст во Кина и Европа и како резултат на тоа, пониските изгледи за побарувачката на нафта, го надминаа влијанието на геостратешките тензии на Блискиот Исток. Така, берзанските цени на црното злато паднаа на најниско ниво од јули. Ако цената на барел сурова нафта WTI пред три недели беше 89 долари, на крајот на минатата недела падна на 77 долари. Ова ја ублажува европската енергетска загриженост пред зимата, но од друга страна сигнализира и дека слабата побарувачка за енергетски производи е одраз и на помалата побарувачка во глобалната економија поради забавениот раст.

СОВЕТИ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ

Зголемувањето на каматите заврши. Но каматните стапки ќе останат повисоки уште долго време, а економијата сеуште се прилагодува кон новата реалност. Инфлацијата се смирува, пазарот на трудот останува силен, економската активност забавува, но глобалната економија останува во зоната на раст, главно поради услугите. Глобалните и американските технолошки акции се скапи и ова е главната причина зошто остануваме внимателни со инвестициите во акции, иако најновите деловни податоци ги поддржаа сегашните нивоа на акциите. Инвестициите во обврзници, главно поради врвот во циклусот на зголемување на каматните стапки и придвижувањето кон област каде приносите на обврзниците ќе бидат повисоки од инфлацијата, добиваат на привлечност. Неопходно е да се задржи долгорочен пристап со периодично зголемување на инвестициите. Глобалното диверзифицирано портфолио со комбинација од акциски фондови како што Генерали Топ Брендови, Генерали Америка и паричниот фонд Генерали Кеш Депозит, го нуди најдобриот одговор на зголемените вреднувања од една страна и забавувањето на глобалната економија од друга страна. Комбинацијата на вложувања во обврзници и акции во моментов ја претставува вистинската комбинација на принос и безбедност. Здравствениот сектор е поволно вреднуван, а во исто време се појавуваат некои добри приказни, како што е влез на вештачката интелигенција во здравството и лекот за дебелината. Иако технолошките акции се високо вреднувани, тие претставуваат остров на раст и со тоа остануваат привлечни за инвеститорите во оваа средина на успорување на глобалниот раст, бидејќи со позитивните приказни како вештачката интелигенција, тие претставуваат основа на идниот раст на економијата и берзите. Од статистичка гледна точка, кинеските акции остануваат атрактивни, но во последниве недели се акумулираат толку многу негативни вести што е малку веројатен брз пресврт на трендот, па затоа ја намалуваме препораката и во исто време оценуваме дека инвестициите во другите акциски фондови или обврзници во моментов нудат поатрактивен инвестициски профил.