Финансии 25.01.2024 08:55

Генерали Инвестментс: S&P достигна ново рекордно ниво

Генерали Инвестментс: S&P достигна ново рекордно ниво

Тимот на Генерали Инвестментс подготви резиме за актуелните настани кои влијаат врз пазарите на капитал.

S&P достигна ново рекордно ниво
S&P 500 ја заврши трговската недела со 4.840 поени во петокот, на 19 јануари, што значи дека најпосакуваниот американски берзански индекс прв пат по 3 јануари 2022 година достигна нова рекордна вредност. S&P 500 заврши со позитивен резултат во 11 од последните 12 недели. Во исто време, индексот на волатилност VIX, познат и како индекс на страв, во последните два месеци продолжува да биде на многу ниски нивоа, што значи дека инвеститорите и понатаму се уверени дека пазарите ќе растат.

Растот на берзите беше предводен од акции од различни сегменти на пазарот
Иако патот кон новите рекорди на берзите беше невообичаено мирен и постојан, растот во поединечни фази беше воден од акции од различни сегменти на пазарот. Есента, со поволни податоци за инфлацијата и пад на бараните приноси на обврзниците, особено добро се покажаа акциите кои се осетливи на каматните стапки. Најголем раст беше забележан кај поризичните сегменти на пазарот, како што се компаниите за недвижност, компании со поголема задолженост и акции на компании со помала пазарна капитализација. При влезот во 2024 година, секторите кои заостануваа во поголемиот дел од 2023 година се активираа, особено здравствениот сектор. Минатата недела акциите поврзани со вештачката интелигенција и производството на полупроводници, предводени од технолошките гиганти и најголемите производители на микрочипови, го обезбедија последниот чекор до нови рекорди за берзанските индекси.

Инвеститорите во потрага по прогнози за движењето на инфлацијата во 2024 година
Опишаните ротации помеѓу различните сегменти во најголем дел се резултат на големата несигурност и противоречливи мислења во врска со очекувањата за идното движење на инфлацијата и дејствата на централните банки. На пример, пред две недели, пазарите на фјучерси предвидуваа со веројатност поголема од 60% дека ФЕД ќе ја намали каматната стапка веќе во март, а минатата недела веројатноста падна на 13%. Независно од тоа, американската економија продолжува извонредно да се одржува, иако со построга монетарна политика и други пречки, што предизвикува оптимизам на берзите.Инвеститорите внимаваат во врска со предвидувањата за движењето на инфлацијата во 2024 година.

Утре, 25 јануари, американската влада ќе објави податоци за економскиот раст во последниот квартал од 2023. Да потсетиме, БДП порасна за цели 4,9% во третиот квартал од минатата година. Бројките за четвртиот квартал ќе бидат поумерени, но сè уште со веројатност растот да остане над долгорочниот тренд, кој се движи меѓу 1,5% и 2%. Пазарите деновиве будно ќе ги следат средбите на европската и американската централна банка. Нивото на каматните стапки ќе остане непроменето и кај нас, но инвеститорите ќе бидат во потрага по сигнали за времето и темпото на намалување на каматните стапки подоцна во текот на годината.

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, минатата недела во рамките на економскиот форум во Давос навести дека го очекува првото намалување во текот на летото. Како што веќе навикнавме, ставовите на претставниците на одделни европски земји значително се разликуваат. На пример, во интервју за американскиот CNBC, првиот човек на австриската централна банка предупреди дека релаксирање на монетарната политика оваа година не е дадено, што предизвика мини продажба на европските берзи. За разлика од американските, најследените европски берзански индекси уште малку заостануваат зад рекордните вредности.

Кина во обид да ја врати довербата
Доколку зборуваме за американските берзените индекси и нивниот стабилен раст на вредноста, би можеле обратно да ги опишеме случувањата на кинеските берзи, кои на никаков начин не можат да се вратат. Шангајскиот композитен индекс заврши во црвено осум од последните девет трговски недели. Кина, која пристигна на економскиот форум во Давос со најголема делегација од 2017 година, се трудеше да ја врати довербата на домашниот пазар. Премиерот Ли Кианг истакна дека инвестирањето на кинескиот пазар претставува можност наместо ризик и одржа средби со некои водечки претставници на американски финансиски институции. Но, за сега ова не го промени трендот и новата недела започна на ист начин како што заврши претходната, со нови падови. Дисконтот помеѓу истите акции кои истовремено котираат и во Хонг Конг и во Шангај, достигна 36%, што претставува најголема разлика од 2005 година. Поради релативно затворениот финансиски систем на Кина, странските инвеститори се активни главно само во Хонг Конг, а распонот сугерира дека тие целосно се откажаа од кинеските акции, додека Кинескиот домашен пазар се држи малку подобро, иако загубите и таму се значителни. Но, домашниот пазар поради постојаното вмешување на кинеските власти во функционирањето на пазарот и во активностите на поголемите, пред сè институционални инвеститори, е значително помалку репрезентативен отколку отворениот и послободниот пазар во Хонг Конг.

СОВЕТИ ЗА ИНВЕСТИТОРИТЕ

2024 година ќе биде обележана со намалување на каматните стапки од страна на централните банки. Но, проблемот настанува затоа што пазарот очекува и ФЕД и ЕЦБ да ги намалат каматните стапки побрзо и повеќе отколку што предвидуваат централните банки. Овој јаз во прогнозите и очекувањата претставува значителен ризик за пазарите и може да донесе корекции на истите. Економската активност успорува, иако глобалната економија останува на патеката на раст. Развиените економии, особено Европа, но и САД, може да западнат во плитка рецесија во првата половина на 2024 година, а овие вторите често, но не секогаш, се причина за корекција на берзите. И политиката на централните банки и очекувањето на рецесија носат неизвесна прва половина од годината на пазарите на капитал, што ќе можат да ја искористат инвеститорите кои знаат и умеат да гледаат надвор од краткорочните флуктуации. Прогнозите за 2024 година се умерено оптимистички. Според прогнозите на инвестициските банки, се очекува раст на главните индекси, а растат и профитите на компаниите. Пред сè, долгорочните економски и социјални трендови остануваат недопрени. Технологијата продолжува да ги освојува претходно непознатите области. Вештачката интелигенција или AI носи раст. Индустријата се автоматизира и дигитализира. Одржливоста и ESG стануваат сè поважни начини за инвестирање. Заштедата на енергија, зелената енергија, рециклирањето и заштитата на животната средина создаваат нови можности за инвестирање. Населението во развиениот свет старее, но во светот во развој созрева и создава нова силна средна класа. Ова носи променливи навики на потрошувачите, како и предизвици и можности на глобалните компании за стоки за широка потрошувачка, здравствени услуги итн.

Глобално диверзифицирано портфолио со комбинација од акциски и комбиниран фонд како што е Генерали Америка и Генерали Топ Брендови и паричниот фонд Генерали Кеш Депозит, е најдобриот одговор на предизвиците што ги носи 2024 година. Комбинацијата на вложувања во обврзници и акции во моментов ја претставува вистинската комбинација на принос и безбедност. Одржуваме диверзифициран пристап со периодични зголемувања на инвестициите. Низ историјата, ова се покажа како најдобриот пристап, бидејќи го избегнува ризикот од купување на инвестицијата на врвот.

Здравството останува поволно вреднувано, а во исто време се поврзува со некои добри приказни, како што е влез на вештачката интелигенција во здравството и лекот за дебелина. Технолошките акции, особено на големите светски компании, остануваат високо вреднувани, но претставуваат остров со натпросечен економски раст. Околу фондот Генерали БРИК, одржуваме шпекулативна препорака за купување бидејќи сè уште веруваме дека кинеската централна влада ќе биде принудена да направи многу повеќе за да ги смени лошите економски трендови и пазарот брзо и силно ќе реагира на оваа вест . Но, потребно е многу трпение. ()