Економија 21.09.2023 09:24

Германија ги крати инвестициите во странство: Во Кина вложени 10,3 милијарди евра

Германија ги крати инвестициите во странство: Во Кина вложени 10,3 милијарди евра

Германските компании вложуваат во Кина и покрај тоа што владата во Берлин ги редуцира инвестициските гаранции за таа земја и побара од бизнисите да ја намалат својата зависност од Пекинг. Инвестициите во Кина се намалиле на 10,31 милијарда евра во првата половина од годинава, но повторно се блиску до рекордните 12 милијарди евра достигнати во истиот период лани, утврдил Германскиот економски институт IW во анализата што ја објави „Ројтерс“.

Сепак, се наведува дека годинешните вложувања во таа азиска држава се речиси удвоени во споредба со првата половина од 2019 година, кога од Германија во Кина се слеале 5,5 милијарди евра директини инвестиции.

Со тоа, учеството на германските ивестиции во Кина го достигнал прагот од 16,4 проценти. За споредба, во истите тие периоди од минатата и од 2019 година се работело за 11,6, односно за 5,1 процент.

И покрај тоа што Германија многу помалку инвестира во странство, трендот во однос на Кина е стабилен, е коментарот на економскиот експерт од IW, Јирген Матес. Според него, речиси една четвртина од сите вложувања направени во првото полугодие се насочени кон азискиот континент.

Вкупните германски директни инвестиции во странство забележуваат поголем пад – од 104 милијарди евра лани, на 63 милијарди евра во првото годинешно шестмесечие. Што е одраз на проблемите од рецесијата со која се соочува најголемата европска економија.