Германија ќе започне со затворање на електраните на јаглен во западниот дел од земјата, соопшти денеска магазинот „Шпигл“, повикувајќи се на интерни документи на владината комисија за јаглен, која во моментов ја оценува стратегијата за излез на земјата од ваквиот начин на производство на енергија.
Поголемиот дел од електраните во Западна Германија, со вкупен производствен капацитет од 37 гигаватти електрична енергија, ќе бидат исклучени од мрежата меѓу 2022 и 2030 година, се наведува во извештајот, додека централите во Источна Германија нема да бидат исклучени од мрежата пред почетокот на втората фаза во 2030 година, јавува агенцијата „Ројтерс“.
Комисијата за јаглен ќе ја повика владата да преговара со комуналните претпријатија за договор за компензација, наведува „Шпигл“, додавајќи дека комисијата ќе се одлучи за решение со кое компаниите ќе добијат повеќе пари за побрзо затворање на електраните.