Економија 26.01.2024 10:28

Германија прави уште еден чекор кон рецесија

Германија прави уште еден чекор кон рецесија

Деловните изгледи во Германија се влошуваат втор месец по ред, пропуштајќи ги очекувањата на аналитичарите и дополнително ја зголемува мрачната слика за најголемата економија во еврозоната на почетокот на 2024-та година, пишува „Bloomberg“.

Мерачот на деловните очекувања на институтот „Ifo“ падна на 83,5 во јануари од ревидираните 84,2 во претходниот месец, наспроти прогнозите на аналитичарите за благ пораст. Пад забележа и индексот на тековните услови.

„Ние всушност очекувавме позитивни економски резултати во првиот квартал, но податоците што се појавија неодамна сигнализираат дека можеби ќе бидеме сведоци на негативна стапка на раст“, ​​изјави претседателот на „Ifo“, Клеменс Фуст, што според него се должи на изненадувачки слабите податоци од секторот на услуги.

„Откако бруто домашниот производ на Германија се намали помеѓу октомври и декември, резултатите сега покажуваат дека постои „голема веројатност“ Германија да западне во својата прва рецесија по пандемијата“, коментира Фуст.

Иако Германија за влакно ја избегна рецесијата минатата година, земјата и понатаму страда од слабата глобална побарувачка и ефектите од енергетската криза. Смета на враќање во потрошувачката за да го подобри своето богатство, но тоа допрва треба да се случи, а податоците за активноста на приватниот сектор од средата додадоа на мрачната слика.

Бундесбанката сè уште очекува враќање на растот во 2024-та година, иако само за 0,4%.

„Збунувачки е што потрошувачките трошоци не се зголемуваат со растот на приходот. Можеби тоа е нешто што ќе се случи подоцна во годината, но може да биде и дека потрошувачите се чувствуваат несигурни за економската ситуација и затоа не трошат, туку штедат повеќе“, рече Фуст.

Преговорите за платите во наредните месеци може да помогнат да се одреди колку силно ќе се врати приватната потрошувачка. „IG Metall“, најголемиот германски синдикат, во четвртокот соопшти дека ќе ги започне преговорите за металната и електричната индустрија во втората половина на годината „конструктивно и со подготвеност за борба“.

Земјата во моментов е блокирана со шестдневен штрајк на работниците во железничкиот транспорт. Штрајкувачите ја отфрлија понудата на „Deutsche Bahn“ за зголемување на платите за 13 отсто и намалување на работното време на 37 часа неделно од 2026-та година.

Постои одреден оптимизам за изгледите за Германија, бидејќи инвеститорите очекуваат намалување на каматните стапки од Европската централна банка веќе во април. Иако претставниците на регулаторот во Франкфурт ги отфрлија шпекулациите, тие најверојатно ќе ја олабават монетарната политика оваа година и се очекува тоа да го сторат во јуни.

„Позитивниот дел од изгледите – веројатното намалување на каматните стапки во втората половина од годината и зголемувањето на платите – се чини дека не инспирира доволно доверба. Значи, изгледите за првиот квартал секако не се розови “, коментира Фуст.