Економија 05.06.2024 13:15

Германската државна банка продаде 110 милиони акции на „Deutsche Telekom“

Германската државна банка продаде 110 милиони акции на „Deutsche Telekom“

Германската државна банка KfW соопшти дека продала 110 милиони акции во „Deutsche Telekom“, а приходите од 2,43 милијарди евра треба да се искористат за зајакнување на капиталот во „Deutsche Bahn“ и модернизација на железничката мрежа во земјата.

Акциите се продадени по цена од 22,13 евра, а пакетот одговара на сопственички удел во „Deutsche Telekom“ од 2,2 отсто, се наведува во соопштението на KfW објавено во понеделникот вечерта. Цената на акциите на „Deutsche Telekom“ изнесуваше 22,64 евра на крајот од вчерашното тргување на берзата, забележува Reuters.

Продажбата е извршена по забрзана постапка, а акциите се пласирани кај институционални инвеститори, се вели во соопштението.

Германската влада и KfW по продажбата ќе го задржат статусот на најголеми акционери, со вкупен удел од околу 27,8 отсто, соопшти Министерството за финансии, додавајќи дека не планираат да го менуваат.

Федералната влада ќе ги искористи нето приходите од трансакцијата за зајакнување на капиталот во „Deutsche Bahn“ и за проширување на железничката инфраструктура во Германија, соопшти министерството.

Во февруари KfW продаде 50 милиони акции на логистичката компанија DHL за 2,17 милијарди евра.

Германската влада планира да собере до четири милијарди евра оваа година со продажба на удели во компании, според документите на Министерството за финансии во кои увид имал Reuters.