Економија 25.08.2023 13:20

ГЕРМАНСКИОТ БУЏЕТ ВО ДЛАБОК МИНУС Потрошени 42,1 милијарди евра повеќе од приходите

ГЕРМАНСКИОТ БУЏЕТ ВО ДЛАБОК МИНУС Потрошени 42,1 милијарди евра повеќе од приходите

Германскиот државен буџет е 42,1 милијарди евра во минус по првите шест месеци од годинава. „Црвеното салдо“ во најголемата европска економија е најмногу поради државната помош за време на енергетската криза.

Милијарди евра државна помош со која германската влада им помогна на граѓаните полесно да се справат со енергетската криза го турнаа германскиот државен буџет во минус во првата половина од оваа година.

Според прелиминарните податоци на Дестатис, во првите шест месеци од годинава од германската државна каса се потрошени 42,1 милијарда евра, повеќе од приходите што се влеале во неа.

Дефицитот на федералните, државните и локалните власти и социјалното осигурување, мерено како учество во бруто домашниот производ (БДП), на тој начин изнесува 2,1%.

Поголем буџетски дефицит од овој, Германија забележа во првата половина на 2021 година, кога достигна 4,3%. По тешка зима, најголемата европска економија не успеа да го постигне посакуваниот моментум на пролет.

Бруто домашниот производ стагнираше во вториот квартал во однос на претходните три месеци, објави Дестатис, потврдувајќи ги прелиминарните бројки. Во текот на зимата, германската економија се намалуваше во два квартали по ред и падна во таканаречената техничка рецесија.