Актуелно 21.11.2019 15:17

Ѓорѓиевски: Предлогот за нова систематизација во МВР е резултат на паника и се коси со било која рационална реформа

Ѓорѓиевски: Предлогот за нова систематизација во МВР е резултат на паника и се коси со било која рационална реформа

Предлогот за нова систематизација во МВР е резултат на паника и се коси со било која рационална реформа со која што би се подигнала ефикасноста во полициското работење, истакна Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Заев и Спасовски очигледно е дека се исплашени од претстојниот изборен пораз и затоа се обидуваат очајнички да ја намалат разликата преку минирање на договорот од Пржино. На еден месец пред отстапување на министерството одлучуваат да направат промени во структурата без никаква дебата и без никаква информација кон јавноста за мотивите, целите и финансиските импликации од оваа авантура.Единствено кружат информации дека бројот на систематизирани места е неколку илјади над бројот на местата кои во моментов се пополнети што го отвара прашањето за дополнителна брутална партизација на МВР, вели Ѓорѓиевски и додава:

„Постои сериозно сомневање дека овој процес е веќе во полн ек, па затоа сакаме да прашаме дали е точно дека во последниве 20 дена се примени на работа над 100 лица ? Дали после некомпетентниот Жарко Пачемски, близок соработник на Андреј Жерновски, во МВР се примени и деца на обезбедувачите на Оливер Спасовски? По кои критериуми, на кој оглас и кога е примена на работа извесна Теодора и дали таа е ќерка на припадник на неговото обезбедување? Друг феномен кој паралелно се случува во МВР се интерните огласи преку кои Спасовски во очи на изборите се труди да ги пополни местата кои не го интересирале изминативе четири години откако е министер. Се пополнуваат места на кои треба да дојдат професионалци, но очигледно СДСМ се плаши дека во таков случај, полициски службеници кои работат по закон, лесно би можеле да ги откријат сите криминали коишто се правени во МВР. Затоа прашуваме колку интерни огласи во изминатиот месец се распишани во МВР? Зошто се брза со пополнување на местата на овие кои со наредба извршуваат работни задачи токму сега? Ова ли е системот на кариера  за кој се залагаа началниците на одделите за управување со човечки ресурси кога се носеше законот за внатрешни работи?  Трет процес во моментов се заканите кон мнозинството професионалци кои постапуваат согласно закон и одбиваат да ги извршуваат политичките нарачки на Спасовски. Тие се казнуваат и деградираат, а десетици процеси против МВР за незаконските прераспределувања се веќе завршени“.

Пресудите се на страна на оштетените, вели Ѓорѓиевски, а врз МВР се фрла црна дамка и му е нанесена на МВР сериозна финансиска штета.

-За сите овие скандалозни одлуки на Спасовски ќе биде информирана и меѓународната заедница, а после неизбежниот пораз на изборите ќе биде истражена одговорноста на сите инволвирани кои му помагаа на Спасовски во бруталните злоупотреби на овластувањата којшто ги има. Затоа ги повикуваме сите оние кои му слугуваат на Спасовски да размислат денес, бидејќи утре може да е доцна. Следува обнова на Македонија, а правдата ќе биде неселективна и никој нема да може да се заштити односно никој нема да може да заштити никого од незаконско работење.