Актуелно 13.11.2023 10:27

Глобална недела на претприемништвото

Глобална недела на претприемништвото

Глобалната недела на претприемништво во државава почнува денеска и ќе трае до 19 ноември.

Организатор е асоцијацијата „Стартап Македонија“, со поддршка од 50 партнери, кои, како што се посочува во соопштението, ќе ги споделат најновите трендови и можности за развој на иновативни бизниси во земјата и поврзување на сите чинители во претприемачкиот екосистем.

– Во рамките на Глобалната недела на претприемништво 2023, учество ќе земат 15 различни градови низ Македонија и ќе се покријат теми поврзани со развој на мали бизниси, финансирање на старт-ап компании, политики за поддршка на претприемништво, најавуваат организаторите.

Се очекуваат студенти и професори, старт-ап претприемачи и иноватори, луѓе од светот на бизнисот, успешни претприемачи, менаџери, лидери, новинари, уметници, претставници на владини институции, банкарскиот сектор и други организации.

– Ова е уникатна шанса на секој поединец или компанија, да ги поттикне претприемничкиот дух и иновативноста и ги прошири своите контакти и познанства со потенцијални соработници, ментори и инвеститори, но и да научи повеќе за теми како старт-ап иновации, дигитална трансформација, креативна индустрија, напредни вештини, женско и социјално претприемништво, зелени идеи и многу други теми од областа на претприемништвото.

„Стартап Македонија“, успешно стои зад оваа иницијатива од 2018 година, а чиј труд беше награден и препознаен со глобалната награда „BRAND CHAMPION AWARD“ за GEW2022 во Мелбурн – септември 2023, стои во најавата.