Годишниот состанок на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе започне на 9 октомври во мароканскиот град Маракеш и ќе трае до 15 октомври. На овој собир ќе присуствуваат министри за финансии и гувернери на централни банки од повеќе од 190 земји, а целта на собирот, според директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, е „градење мостови за иден одржлив и инклузивен раст“.
Како што е наведено на веб-страницата на Светска банка, меѓу најважните настани на овој состанок се прес-конференцијата на Светска банка која ќе се одржи на 11 октомври, како и прес-конференцијата на ММФ еден ден подоцна, пренесува Танјуг. Состанокот на Комитетот за развој на ММФ ќе се одржи на 12 октомври, а пленарната седница на состанокот на 13 октомври. Меѓународниот монетарен и финансиски комитет (ММФЦ) ќе одржи состанок на 14 октомври.
Пред присутните ќе се обратат претседателот на Светска банка Аџеј Банга, директорката на ММФ Кристалина Георгиева, директорката на УНИЦЕФ Кетрин Расел, мароканската министерка за енергетска транзиција и одржлив развој Лејла Бенали и многу други претставници. Светската банка и ММФ одлучија од 9 до 15 октомври да го одржат претходно планираниот годишен состанок во Маракеш заедно со мароканските власти во таа земја, која беше погодена од земјотресот на 8 септември. „Од разорниот земјотрес во Мароко на 8 септември, Светската банка и ММФ тесно соработуваа со мароканските власти и тим експерти за темелно да го проценат капацитетот на Маракеш да биде домаќин на годишните состаноци во 2023 година“, соопшти ММФ претходно.