Почивајте во мир, деца златни… Не постојат такви зборови кои можат да дадат утеха, ниту со нешто може да се надомести загубата на семејствата на загинатите млади души, од таа кобна ноќ во Кочани, истакнува градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
-Македонија тагува… Тагуваме сите ние, тагува и светот. Мораме да останеме силни и во име на човечноста да направиме сѐ за доброто на сите граѓани. Ова е голема загуба за сите нас. Како родител, изразувам длабоко сочувство на семејствата на загинатите од трагичниот настан во Кочани и голема сила во овие најтешки моменти за нив. Нека Бог им подари Царство небесно. Македонија никогаш нема да ги заборави, напиша тој.
Информира дека општината со која раководи ќе донира и ги повика сите општини да го сторат истото.
-Во координација со претседателот на Совет, се усогласивме за свикување на вонредна седница во текот на утрешниот ден на која, како локална самоуправа ќе доделиме помош за лекување на настраданите во трагичниот пожар кој се случи во Кочани и во кој загинаа огромен број млади луѓе. Трагедија, која досега не се случила и по која сите сме скршени.
Како претседател на ЗЕЛС, ги повикувам сите колеги градоначалници во Македонија и претседатели на совет да се солидаризираат во овие тешки моменти за сите нас и во рамки на своите можности, да го сторат истото. Знам дека ова нема да ја ублажи болката од најкатастрофалната загуба на млади животи за кои допрва требаше животот да почне, но барем заеднички ќе помогнеме на оние наши жители кои се на болничко лекување. Ова се моменти кога треба да застанеме сите заедно. Бог да е со семејствата на загинатите, Бог да е со сите нас, напиша тој.