Економија 19.04.2018 12:59

Градежните компании со катастрофални резултати на берзата

Градежните компании со катастрофални резултати на берзата

Во годишниот преглед на Македонска берза за котираните друштва според дејности, градежните компании кои се јавно котирани бележат најголем пад на профитите во однос на претходните години, а имаат и големи падови на вкупните приходи поради нивната намалена оперативна дејност.

Сосема јасно беше дека со стопирањето на дел од државните проекти или веќе нивно финиширање, дел од македонските градежни компании ќе ја немаат истата експанзија како во минатите години кога градеа министерства, музеи, мостови, и што уште не по добиените тендери од владата на Република Македонија и останатите државни институции, а и воопшто намелени се градежните активности ширум државата низ целиот сектор.

Бетон АД Скопје во годишниот извештај за работењето во 2017 година има нето добивка од само 35,4 милиони денари, за разлика од 2016 година кога имал двојно поголема чиста добивка од 86 милиони денари што е годишен пад на профитот од 58,81%.

Очајно лоши резултати бележи Бетон АД Штип каде состојбата е  навистина драматична бидејќи компанијата работи со загуба, односно 2017 година ја завршила во минус. Загубата на Бетон АД Штип изнесува 55,6 милиони денари, што е очаен резултат ако се спореди нето добивката од 23,3 милиони денари во 2016 година.

Гранит АД Скопје исто така има преполовена добивка во 2017 година која е за 52,95% помала во однос на добивката во 2016 година, но барем оствариле профит. Гранит АД Скопје минатата година ја завршил со нето добивка од 138.388.000 денари, додека пак во 2016 година заработил чисти 294.115.000 денари.

ФЗЦ Карпош иако има најмал пад на годишно ниво споредено со останатите три компании на оваа листа, сепак не може да се пофали со годишната прогресија, односно со пад на добивката од -46,25%. ФЗЦ Карпош АД Скопје во 2017 година има профит од 12,4 милиони денари, додека пак нето добивката во годината претходно изнесувала 23,1 милиони денари.

Најнови вести