Дека вложувањето на парите во недвижности е најчестата инвестиција на граѓаните од Македонија потврда даваат податоците од Државниот завод за статистика кои велат дека лани во земјава се изградени нови шест илјади станови. Понудата расте, а со неа и побарувачката на станови. Нова градба не се бара само во Скопје, се поатрактивни се Тетово, Охрид, Битола но и дел од помалите градови низ државата. Во однос на цената, таа се движи во зависност од локацијата но и од неколку други фактори. Во секој случај многу тешко би се купил нов стан под 1500 евра во главниот град.
Официјалните податоци велат дека во текот на 2023 година бројот објекти кои ги граделе индивидуални инвеститори или градители, изнесувал нешто над 2000. Податоците велат дека завршени станови имало 2331 и биле на вкупна површина од речиси 300 000 метри квадратни.
Просечната површина изнесува 130 метри квадратни. Вредноста на објектие кои ги граделе физички лица се проценува на околу 220 милиони евра. Што се однесува до деловните субјекти односно компаниите, нивниот број на изградени објекти лани достигнува речиси 2900 објекти.
Податоците во овој дел велат дека бројот на станбени единици е речиси 3500, а вкупната површина им е близу 250 000 метри квадратни. За разлика од индивидуалните, овие комерцијални станови се далеку помали, односно во просек еден стан бил 70 метри квадратни. Вредноста на овие недвижности се проценива на 600 милиони евра.
„Во 2023 година, деловните субјекти кои се занимаваат со градежна дејност извршиле градежни работи во вредност од 36 880 167 илјади денари. Од нив, 18 951 263 илјади денари се за објекти во индивидуална сопственост. Во текот на 2023 година се градени вкупно 2 874 објекти, а завршени се вкупно 3 445 станови со вкупна површина од 243 815 м2 , од кои 3 415 се во индивидуална сопственост. Просечната корисна површина на завршените станови е 70.8 м2 . По региони, најмногу се градело во Скопскиот Регион, потоа во Југозападниот, Пелагонискиот итн.“ се наведува во извештајотг на ДЗС.
Податоците на државната статистика велат дека во Полошкиот регн има најмногу изградени објекти од страна на физички лица, односно 580 објекти. Градежните компании пак најмногу инвестираат во Скопскиот регион, односно лани биле изградени 840 објекти.
Во однос на цените, скопските населби Центар, Карпош и Аеродром предничат по висината на вредноста на метар квадратен. Оние полуксузни станови кои се во централното градско подрачје на Скопје достигнуваат и фантастични три илјади евра за метар квадратен.
Информациите од фелата велат дека цените на новоградбата во главниот град се движат од 1500 до 2 000 евра. Ставот на градежниците е дека оваа цена на новоизградените станови нема да се намалува се додека има голема побарувачка на нов стан. Очекувањата се дека таквиот тренд ќе се стабилизира кон крајот на оваа календарска година. Едно е сигурно, цените на становите никогаш нема да паднат на тоа ниво на кое беа пред пандемијата.