Актуелно 11.12.2023 08:45

Граѓаните предупредуваат: Кај Алумина Пуцко петрол ќе гради џинови

Граѓаните предупредуваат: Кај Алумина Пуцко петрол ќе гради џинови

Жителите на Тафталиџе со години се жалат дека последните години, по изградбата на новите згради џинови од 9-15 ката на улицата Прашка и на булеварот 8 Септември, тие имаат проблем со водоводот, со струјата, со засенувањето на нивните домови, струењето на воздухот, со сообраќајниот метеж, паркирани коли на тротоарите, недостаток на слободни места во градинката и училиштето. Но Општина Карпош не застанува тука. Со новиот ДУП на Пуцко петрол на парцелата на поранешната фабрика Алумина ќе му дозволи да изгради згради двојно поголеми од постоечките.

Од граѓанското здружение Борба за Влае предупредуваат на тоа што ќе се случи ако се изгради овој нов блок од дури 35 ката во населбата?

„Замислете како овие згради од 35 ката ќе влијаат на сите жители? Каде ќе учат овие деца? Дали ќе имаат сенка луѓето северно од овие блокови со 108 метри висина? Како ќе се движат колите по улицата Прашка, знаејќи дека не смее да се изведе влез во гаража од булевар, а објектите на Пуцко петрол се на булеварите 8 Септември и М.Т. Гологанов?

Знаеме каков хаос предизвикаа сите згради направени до сега на Прашка, а дополнително и зградата на Настел (а и тие околу средното училиште ГУЦ и низ населбата). А замислете каков хаос ќе направат објектите што можат да бидат три пати поголеми од кој било од нив.

Општината одлучува да сподели визуелизации за просторот кои ги прават планерските куќи, а на нив им дава одврзани раце да изведат што сакаат на терен. ‘Кард бланш’ за самите изведувачи да си го планираат просторот и да прават колку сакаат објекти и каде сакаат, само под услов да се пониски од 35 ката или 108 метри.

При ваков ‘инвеститорски урбанизам’, Општина Карпош ги фаворизира потребите на изведувачите, а на второ место ги става потребите на жителите“, велат од Борба за Влае.

Според нив ДУП-от за Алумина ги опфаќа плацот на поранешната фабрика Алумина и местото западно од неа каде сега има бараки и огромните згради на фирмата Импексел 2 на Неим Хусеини и Дрим лукс на Би холдинг, фирмата на Хана Јахоска, ќерката на Исмаил Јахоски, сопственикот на Пуцко Петрол.

„Онаму каде сега има бараки со сопственици планирани се згради од 4 до 9 ката. Тоа е многу високо, но не е ни приближно високо како просторот на Пуцко петрол кај поранешна Алумина. Таму се дозволени згради од 35 ката.

При споредба на стар и нов предлог ДУП се гледа дека новите објекти на местото од куќичките се намалени: од П+11+Пк и П+13+Пк во стариот ДУП на П+8 и П+3 во новиот ДУП. Која е логиката? Овде има многу жители засегнати. Ним им се намалуваат висините од претходен план, а кај Пуцко се пумпаат. Практично параметрите од кај нив се претурени кај Пуцко. Или ако можеме да се изразиме поинаку – Пуцко петрол печали на грбот на луѓе кои живеат во трошни бараки. А општината покажува двојни стандарди кон различни сопственици.

Нели е ова основ за тужење за гонење за корупција? Каде е Државната комисија за спречување корупција“, прашуваат граѓаните и додаваат дека се работи за криминален чин. мкд.мк ()