Првиот вицепремиер и министер за политички системи, Артан Груби од ДУИ, не сака да го коментира судскиот процес „Монструм“, но тврди дека политиката не се мешала во предметот.
Единствено каде ДУИ се вмешала било барањето да се повтори судскиот процес.
„Не ги коментираме судските процеси и одлуки. Единствен момент каде ние како политичка партија бевме вмешани во овој случај беше во барањето да се повтори постапката поради недовербата на целата јавност во претходната одлука на судот. И тоа го постигнавме. Оттука натаму е работа на обвинителството, на одбраната и на судот во судска постапка да си ги докажат своите аргументи“, изјави Груби.
На новинарско прашање за изјавите на премиерот Зоран Заев кога се објавуваа „бомбите“, од периодот кога беше опозиционер во врска со случајот, дека невини луѓе се во затвор, Груби не сакаше да ги коментира.
„Јас можам да одговарам за тоа што беше наш став“, рече Груби повторувајќи го ставот на ДУИ дека требало да се повтори процесот.
Една од изјавите на Заев од 2015 која одекна во македонската јавноста беше во интервју за германскиот весник „Ди Цајт“ беше дека луѓето кои се осудени за петкратното убиство кај Смилковско езеро се невини.
Во овој случај беа досудени доживотни казни затвор, но пресудата во 2017 беше укината од Врховниот суд, а предметот се врати на повторно судење. Но, бидејќи имаше бомби поврзани со предметот надлежноста премина во рацете на тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Повторениот случај, сега е во завршница. Вчера обвинителката Фатиме Фетаи ги даде завршните зборови, направи прецизирање на обвинителниот акт, но остана на тоа дека станува збор за тероризам и побара затворски казни за петмина од обвинетите кои и претходно беа осудени. Само за еден се откажа од обвинението бидејќи рече дека немало докази.
За тројца обвинети за тероризам побара доживотен затвор, додека за двајца обвинети за кривични дела поврзани со помагање, пак, побара максимални затворски казни.
За „бомбите“, пак, како што рече, не дале нова вистина за случајот.
Одбраната завршни зборови во „Монструм“ ќе дава на 3 февруари, по што ќе биде закажано и рочиште за изрекување на пресуда.