Халк Банка АД Скопје ќе издаде 184.500 обични акции со номинална и продажна вредност од 10.000 денари по акција. Вкупниот износ на емисијата е 1.845.000.000 денари, или речиси 29,7 милиони евра. Станува збор за нова, дваесетта емисија на акции по пат на приватна понуда.
Зголемувањето на основната главнина со нови парични влогови се врши за познат купувач – институционалниот инвеститор Халк Банка А.Ш. Турција, со седиште во Истанбул, Турција. Банката издава нови акции заради зголемување на капиталот и обезбедување на оптимална адекватност на капиталот во наредниот период.
Одобрението за издавање долгорочни хартии од вредност е дадено од Комисијата за хартии од вредност.