Финансии 09.08.2023 13:19

И БУТЕЛ, ГАЗИ БАБА И ИЛИНДЕН САКААТ ДА ИЗДАДАТ ОПШТИНСКИ ОБВРЗНИЦИ, ВЛАДАТА НЕМА ОДЛУКА НИ ЗА ПРЕТХОДНИТЕ – што се крие зад „чекањето“

И БУТЕЛ, ГАЗИ БАБА И ИЛИНДЕН САКААТ ДА ИЗДАДАТ ОПШТИНСКИ ОБВРЗНИЦИ, ВЛАДАТА НЕМА ОДЛУКА НИ ЗА ПРЕТХОДНИТЕ – што се крие зад „чекањето“

Штип и Аеродром сеуште чекаат на владин „благослов“, а во меѓувреме уште три други општини ја стартуваа постапката за издавање на општински обврзници.

Според сознанијата на Фактор, две скопски и една од околината на главниот град, односно Бутел, Гази Баба и Илинден, се новите локални самоуправи кои би сакале да се задолжат на домашниот пазар преку општински обврзници, а со парите да финансираат бројни локални проекти од интерес на граѓаните кои живеат на тие територии.

Од општините Бутел и Гази Баба за Фактор ги потврдија овие информации, давајќи ни ги сите побитни детали за тоа какви општински обврзници би сакале да издадат, во смисла на кои суми ќе бидат овие хартии од вредност, но и какви се проекти со нив би сакале да финансираат. Со општина Илинден не успеавме да стапиме во контакт, а штом и од нив добиеме информација, ќе ја објавиме во целост.

Инаку, она што е интересно, е дека сите петмина градоначалници кои сакаат нивните општини да се „испробаат“ со општински обврзници, се од редовите на сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но никој од нив не сака да верува дека власта би ги кочела од чисто политички побуди, бидејќи, како што нагласуваат, станува збор за битни потреби на самите граѓани.

Градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, за Фактор потврди дека во таа локална самоуправа е во почетна фаза постапка за издавање општинска обврзница. Сумата која општината би ја обезбедила на овој начин е два милиони евра, а парите би биле строго наменски потрошени за битни проекти, од кои главни се Поликлиника во Бутел, како и кеј и корито на реката Серава.

Со ова, како што објаснува Костовски, општината покажува грижа за клучните потреби за граѓаните. Вели дека Бутел е општина која единствена нема поликлиника и тој пропуст мора што поскоро да се исправи, иако, како што нагласува, за оваа основна потреба на граѓаните треба да се грижи централната власт, но таа досега за такво нешто не покажала слух.

Издавањето на општинската обврзница на Бутел е во сосема почетна фаза, односно од општината ги подготвуваат документите кои е потребно да се достават до Министерството за финансии, а тоа треба да даде зелено светло за издавање на општинската обврзница. Според Костовски, општината се надева дека нема да има никакви политички препреки на патот на ова нивно барање.

„Останува да се надеваме дека ќе ги добиеме потребните согласности и дозволи, бидејќи кога станува збор за интерес на граѓаните, не би требало да има проблеми од аспект на Министерството за финансии, особено не поради некои политички интереси“, објаснујва Костовски.

И од општина Гази Баба за Фактор потврдија дека се во стартен процес за издавање општинска обврзница.

„Постапката е почната, донесена е одлука на Советот на општина Гази Баба, утврдени се приоритетите кои проекти би се финансирале од обврзницата, добиено е позитивно мислење од Министерството за финансии и целата документација е доставена на понатамошна постапка во Комисијата за хартии од вредност“, објаснуваат од Гази Баба.

Оттаму додаваат дека оваа обврзница ја нарекле Обврзница за брз развој на општина Гази Баба.

Сумата на која би сакале да се издаде нивната обврзница е пет милиони евра, а со овие средства би се финансирале повеќе проекти, како што се изградба на нова училипшна зграда на основното училиште „Крсте Мисирков“ во Ченто, изградба на фекална канализација во Јурумлери, изградба на две нови детски градинки во Трубарево и Маџари, изградба на фекална канализација во населено место Гоце Делчев, изградба на пречистителна станица за отпадни води во Црешево, реконструкција на Културниот дом во Ченто, како и асфалтирање на локални улици.

Како што е познато, постапката за издавање на општински обврзници многу сериозно ја почнаа општините Штип, која доби дури и втора согласност од КХВ, како и скопската Аеродром, но Владата сеуште не го дала финалното одобрение кое е неопходно за емисија на тие обврзници. Во меѓувреме, Владата, односно Министерството за финансии сосема успешно ја издаде првата транша на граѓанската обврзница, за која имаше голем интерес и од која граѓаните запишаа 23,5 милиони евра.

Фактор ги праша Владата и Министерството за финансии колку барања за издавање на општински обврзници имаат стигнато до нив, зошто Владата и после долг период сеуште не сака да им издаде дозволи на Штип и Аеродром да издадат општински обврзници и така да ги финансираат своите проекти, а во исто време издава и државни, исто како и граѓанската обврзница, а се интересиравме и дали причината за неиздавање дозвола на овие обврзници е фактот што нивните градоначалници се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Но, и по десет поминати дена од поставувањето на нашите прашања, се до подготовката на овој текст одговор не добивме, а штом го добиеме, ќе го објаавиме во целост.

Инаку, како што веќе пишувавме, откако пред неколку месеци КХВ и издаде одобрение на Штип за издавање обврзница од 4 милиони евра, но општината не успеа да ја добие потребната владина согласност, таа во мај повторно побара и доби одобрение од КХВ.

„Комисијата донесе Решение со кое на Општина Штип и даде одобрение да издаде прва емисија на 8.000 општински обврзници со поединечна номинална вредност од 500 евра и вкупна номинална вредност од 4.000.000 евра по пат на јавна понуда. Општинските обврзници се со фиксна годишна каматна стапка во износ од 4,75 отсто. Емисијата на општински обврзници на Штип се врши заради прибирање на средства за финансирање на Проектот Заеднички активности за локален економски развој“, беше нагласено во соопштението.

Општина Штип е прва која се охрабри да најави издавање на ваква хартија од вредност и на тој начин да обезбеди четири милиони евра, за што уште минатата година ја доби и потребната дозвола од КХВ. Но, Владата не го дозволи издавањето на обврзницата, а штипскиот градоначалник Иван Јорданов ја обвини власта дека го стопирала овој процес без никаква валидна аргументација.

Инаку, Фактор веќе пишуваше дека и општина Аеродром, на чие чело е градоначалникот Тимчо Муцунски, доби дозвола од КХВ за издавање на општинска обврзница, и тоа на сума од 5,4 милиони евра.

Во разговор за Фактор Муцунски тогаш апелираше Владата што поскоро да даде зелено светло.

„Од страна на сите надлежни институции добивме позитивна оценка во однос на комплетноста и квалитетот на документацијата која беше изработена, и таа ги помина сите потребни филтри, вклучувајќи ги Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност. Последен во низата чекори е одлуката која треба да ја донесе Владата, која практично е зелено светло за официјално издавање на обврзницата и нејзино пласирање на пазарот. Со оглед на тоа дека станува збор за средства кои ќе бидат наменети за финансирање на важни проекти, убеден сум и апелирам до Владата што поскоро да ја донесе одлуката со која ќе може обврзницата да биде издадена на пазарот“, потернцира тогаш првиот човек на општина Аеродром.

Рокот на доспевање на издадените обврзници на Аеродром би бил 10 години од денот на регистрирање во Централниот депозитар. Тие би биле со фиксна годишна каматна стапка во износ од 5 отсто.