Економија 07.11.2023 10:02

И покрај недостигот, во Германија се градат сѐ помалку станови

И покрај недостигот, во Германија се градат сѐ помалку станови

Во Германија, и покрај актуелната криза со недостигот од станбен простор, се градат сѐ помалку станови, соопшти во понеделникот економскиот институт Ifo од Минхен.

„Дури 48,7 отсто од градежните претпријатија во секторот на градење станови се жалат на премалку работни налози, што е за 2,1 отсто повеќе отколку пред еден месец“, соопштија од Ifo.

Причината за намалувањето на обемот во секторот градење станови стручњаците го поврзуваат со растот на каматите на станбените кредити и поскапувањето на градежните материјали.

„Состојбата поради зголемените камати и поскапувањата на градежниот материјал е сѐ полоша и полоша. Секоја втора компанија бележи повлекување на веќе нарачаните проекти, а секоја десетта финансиски проблеми“, вели Клаус Вохлрабе, шеф на одделот за истражување во Ifo.

Економските струњаци не гледаат дека и покрај недостигот од станбен простор, особено во поголемите градови, наскоро би можело ситуацијата да се подбри.

„Погледот на иднината на градењето станови не опфаќа ништо добро, претпријатијата се подготвуваат за тешки времиња“, вели Вохлрабе.

Дури 63,9 отсто од испитуваните претпријатија од градежниот сектор немаат позитивни очекувања во градењето станови за претстојниот период.

Германската влада кон крајот на септември донесе пакет мерки кои би требало да го поттикнат градењето станови, меѓу кои спаѓаат засилени субвенции во секторот на социјално градење станови, како и субвенции за трошоци настанати со подигнувањето на еколошките стандарди. Владината цел е градење 400.000 нови станови годишно во земјата.

Ситуацијата во станбениот фонд последните години дополнително се влоши, особено во поголемите германски градови, поради приливот на голем број бегалци, но и засилените миграции потребни на пазарот на трудот. Во градовите како Берлин, Минхен и Франкфурт, големите конверни се жалат дека не можат да привлечат нова работна сила токму поради недостигот од станбен простор.