Фармацевтската компанија „Реплек“ објави промени во сопственичката структура преку Берзата, откако вчера поминаа две блок трансакции со акциите на таа компанија.
Од она што може да се забележи е дека својот акционерски капитал го зголемува компанијата „Ситко Антонио“, како и еден од акционерите Владимир Пецовски. Тие и досега поседуваа акционерски пакети од над 5 отсто во компанијата.
Но, треба да се има предвид дека неодамна преку „Блок трансакција“ во „Реплек“ влезе и еден нов акционер, а тоа е синџирот лаборатории „Биотек“, кој сега веќе поседува 6,3 проценти од капиталот на оваа успешна фармацевтска компанија.
Акции купиле и членови на Управниот и Надзорниот одбор на компанијата.
„РЕПЛЕК АД Скопје објавува промена на сопственоста над 5 отсто, односно акционер Ситко Антонио ДООЕЛ Скопје се стекна со нови 61 акции и сега поседува вкупно 1.650 акции или 6,37 отсто од вкупниот број на акции, додека акционерот Владимир Пецовски се стекна со 20 нови акции и сега поседува вкупно 1.625 обични акции или 6.27 отсто од вкупниот број на акции“, се вели во објавата од „Реплек“ дои Берзата.
Од ова би се извлекол заклучок дека после влезот на „Биотек“ во „Реплек“, можеби и другите акционери имаат желба да го зајакнат својот акционерски капитал во компанијата.
„Реплек“ објави и дека членот на Управен одбор Панче Гелевски се стекнал со нови 25 акции, со што сега поседува 30 акции или 0,12 отсто од вкупниот број на акции, додека членот на Надзорен Одбор Владимир Гашевски се стекна со нови 27 акции, со што сега поседува 30 акции или 0,12 проценти од вкупниот број на акции.