Шведскиот синџир продавници за мебел „Икеа“ во средата објави дека ќе ги затвори продавниците во три норвешки града со цел да ги намали трошоците во контекст на послабиот профит во изминатиот период.
Продавниците во Осло, Алесунд и во Тромсоа беа отворени во 2015 и 2016 година како дел од глобалната пилот-програма со која шведската компанија сакаше да ја тестира реакцијата на клиентите на алтернативни решенија за воспоставениот модел на големи центри на периферијата на градот.
Со затворањето на овие продавници компанијата сака да ги намали трошоците во Норвешка 10 отсто за да го зголеми профитот, а на работниците ќе им бидат понудени места во други продавници, се вели во соопштението.
Како дел од тригодишната програма за адаптација на бизнис-моделот, од компанијата најавија подобра понуда преку интернет и пократко време за испорака за да привлечат повеќе клиенти.