Економија 06.07.2023 10:42

Инфлацијата во Турција падна на 38 отсто

Инфлацијата во Турција падна на 38 отсто

Годишната стапка на инфлација во Турција падна во јуни осми месец по ред, на 38,2 отсто од 39,6 отсто во мај, објави денеска турскиот статистички институт „Туркстат“. Пазарите очекуваа јунска инфлација од 39,47 отсто, а сега е најниска од декември 2021 година.

Годишната базична инфлација во Турција се зголеми на 47,3 отсто во јуни од 46,6 отсто во мај. Во јуни е забележан побавен раст на цените на становите и комуналните услуги за 14,8 отсто во однос на мајските 20,7 отсто, транспортот за 21,0 отсто во однос на мајските 23,7 отсто, како и во здравството за 65,7 отсто. наспроти 66, 9 отсто, што е забележано во мај.

Во јуни цените на храната поскапеа на годишно ниво за 54,0 отсто, а цените во областа на рекреацијата и културата за 43,0 отсто, пренесува Каматица. На месечно ниво, цените во Турција се зголемени за 3,9 отсто во однос на мај, пред се поради слабеењето на турската лира. На 22 јуни Централната банка на Турција (TCMB) ја зголеми референтната каматна стапка од 8,5 на дури 15,0 отсто со цел што поскоро да воспостави курс на намалување на инфлацијата, пренесоа агенциите. TCMB објави дека сака да ја потисне инфлацијата во Турција на 5,0 проценти.