Актуелно 07.06.2024 12:51

Инфлацијата во мај зголемена за 0,9 проценти во однос на април

Инфлацијата во мај зголемена за 0,9 проценти во однос на април

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во мај во однос на април е зголемена за 0,9 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Зголемувањето се должи на покачувањето на трошоците на животот во делот ресторани и хотели за 3,1 проценти, рекреација и култура за 2,1 процент, транспорт за 1,9 процент, облека и обувки за 1,5 процент, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 1 процент, храна и безалкохолни пијалаци за 0,7 проценти, разновидни стоки и услуги за 0,4 проценти, домување, вода, електрика, гас и други горива, здравје за 0,1 проценти.

Намалување на трошоците на животот е забележано во групата комуникации за 0,3 проценти, а на исто ниво остануваат трошоците на живот во делот алкохолни пијалаци, тутун и наркотици и образование.

Во споредба со мај минатата година се бележи зголемување од 4,5 проценти.

Цените на мало во мај во споредба со април бележат зголемување од 1,3 проценти, а во однос на мај лани зголемување од 5,8 проценти.