Виното е во нашите чаши, мисли и поеми илјадници години. Но, дали знаете кои земји имаат најголемо производство на вино?
За правење на овој инфографик биле користени податоци од Меѓународната организација за лози и вино, а тој покажува дека најголем производител на вино во светот е Италија, каде што лани биле произведени речиси 50 милиони хектолитри (или околи 1.994 олимписки базени) вино, што е речиси една петтина од вкупното производство на вино во светот за 2022 година.
Помалку од половина од тоа вино било испратено на странски пазари, што ја прави Италија и најголем извозник.
На второто место е Франција со 45,6 милиони хектолитри, додека на третото Шпанија со 35,8. Овие три европски земји заедно произведуваат половина од светското вино.
Италија е најголем производител на вино во светот, а еве на кое место е Македонија.
Кога станува збор за регионот, најголем прозводител на вино е Грција, која се наоѓа на 19. место со 2,2 милиони хектолитри произведено вино во 2022 година, што е 0,82 отсто од светското производство. Потоа следува Македонија, која се најде на 22. место со 936 илјади хектолитри произведено вино, или 0,36 отсто од светското производство.
Бугарија е на 26. место со 747 илјади хектолитри, Турција е на 29. место со 622, Хрватска на 31. место со 561 илјади хектолитри, Словенија е веднаш зад неа со 546, Албанија е на 41. место со 228 илјади хектолитри.
Воопшто не е изненадувачки што европските земји произведуваат две третини од виното во светот, по што следуваат Америките со 20 отсто и Океанија со 6 отсто. Производството на вино беше релативно стабилно во текот на изминатата деценија, но климатските промени доаѓаат и по оваа индустрија. Според светските медиуми, високите температури се и благослов и клетва за винариите.
Некои региони кои порано се сметале за неповолни за одгледување грозје, како Англија, сега почнуваат да покажуваат потенцијал за некои видови.
Истовремено, во некои региони каде што традиционално се одгледува грозје топлото време доведува до презревање, што ги принудува винопроизводителите да го ограничат изложувањето на сонце на лозите.
Сите временски аномалии предизвикани од климатските промени го прават производството на вино потешко, со што се наметнува прашањето: Кои земји-производители на вино ќе преживеат, ќе се адаптираат, ќе доживеат неуспех или успех во следните децении? Останува да видиме.
Извор: Visual Capitalist