Економија 25.09.2018 17:49

Италија планира буџетски дефицит помеѓу 1,8% и 1,9% од БДП-то за 2019-та

Италија планира буџетски дефицит помеѓу 1,8% и 1,9% од БДП-то за 2019-та

Буџетскиот дефицит на Италија за 2019-та година ќе биде меѓу 1,8 и 1,9 проценти од бруто домашниот производ (БДП), соопшти денеска близок извор до владата.

Официјалните буџетски бројки се очекува да бидат објавени во четврток, на 27-ми септември.

„Мислам дека ќе биде 1,8 или 1,9 отсто“, изјави изворот. Тој ги потврди информациите објавени во весникот „Хафингтон пост Италија“ и весникот „Стампа“, според кои министерот за финансии и економија на Италија, Џовани Триа се согласил да отстапи од поставените цели за буџетскиот дефицит под притисок од двете владејачки партии.

Триа повикуваше на буџетски дефицит до 1,6 проценти од БДП-то, но движењето „Пет ѕвезди“ и „Лигата“ сакаат поголем дефицит, за да можат да ги финансираат скапите предизборни ветувања.

Поголем буџетски дефицит би можел да доведе до конфликт со ЕУ. Според одредбите на ЕУ и еврозоната, Италија треба да ги следи построгите даночни политики за да го намали својот буџетски дефицит.

Владата треба да ги објави целите за државниот долг и буџетскиот дефицит за 2019-та година во четврток и да ги претстави деталните планови за буџетот во средината на октомври. Тие ќе бидат прегледани од Европската комисија.