Значително мнозинство граѓани во Франција, Германија и Велика Британија стравуваат од можното влијание на вештачката интелигенција и технологијата за фалсификување на претстојните избори, покажува истражувањето на Yougov (Југов).
Додека многу испитаници изразија недоволно разбирање за овие алатки, повеќе од 70 отсто од граѓаните во Велика Британија и Германија кои ја разбираат вештачката интелигенција и технологијата за фалсификување велат дека се загрижени од тоа во каква закана можат да прераснат по следните избори и за време на изборните кампањи.
Во Франција ова мислење го делат 57 отсто од испитаниците. Истражувањето исто така открива дека граѓаните чувствуваат длабока непријатност од начинот на кој новите технологии влијаат на демократијата. Им пречи и незаконското профилирање врз основа на лични податоци. Во Обединетото Кралство, Германија и Франција, повеќе луѓе веруваат дека компаниите за социјалните медиуми повеќе ѝ штетат на демократијата отколку што ја зајакнуваат.
Додека 33 отсто од германските и 44 отсто од француските испитаници веруваат дека компаниите на социјалните медиуми имаат негативно влијание врз демократијата, само 18, односно 14 отсто соодветно, веруваат дека нивното влијание е позитивно.
„Корисниците се повеќе се свесни за негативните актери и практики. Признаваат дека организираните сајбер групи се обидуваат да организираат кампањи за клевета преку организирани мрежи на социјални ботови и тролови“, рече Даниел Баредо, истражувач на јавното мислење и медиумите на Универзитетот во Малага во Шпанија, коментирајќи ги резултатите од истражувањето.
Развојот на технологијата за вештачка интелигенција, која е веќе широко распространета, овозможува поширок опсег и кога танува збор за создавање содржини, потенцијално зголемувајќи го ширењето дезинформации.
Истражувањето е направено во пресрет на клучните избори во ЕУ и во светот, кои ќе се одржуваат од овој октомври до крајот на 2024 година, која веќе се нарекува „Година на демократијата“. Веќе се закажани 65 избори во земјите низ светот, каде што живее повеќе од четвртина од населението.
Меѓу нив се Индија, Индонезија, Мексико, Јужна Кореја, Тајван, Велика Британија, САД, Србија, а следуваат и изборите за Европскиот парламент. Изборите за Европскиот парламент ќе ја одредат насоката на политиката што ќе ја води наредното свикување на Европската комисија.
Истражувањето беше спроведено токму кога стапи на сила Законот за дигитални услуги на ЕУ, дизајниран да го спречи штетниот бизнис модел на големите технолошки компании кои имаат повеќе од 45 милиони од месечно активните корисници во ЕУ. Испитаниците исто така беа прашани дали имаат контрола врз тоа како компаниите за социјални медиуми ги користат нивните лични информации. Наодите се поразителни – 64 отсто од испитаниците во Франција и 63 отсто во Германија изјавиле дека немаат контрола, додека во Велика Британија тој број се искачи на 70 отсто.
Во Велика Британија, студијата на Управата за конкуренција и пазари (CMA) за онлајн платформите и пазарот за дигитално рекламирање покажува дека постојат многу препреки за потрошувачите да можат да вршат контрола врз своите податоци, како што се стандардните поставки и темните обрасци во начинот на кој ни се претставуваат опциите за приватност и сложените одредби и услови кои честопати може да опфаќаат над 10.000 зборови.
Така, 88 отсто од испитаниците во Велика Британија веруваат дека е важно компаниите за социјални медиуми да им дозволат на корисниците да го остварат своето право да се спротивстават на употребата на нивните податоци за рекламирање.
Во Франција во ова веруваат 81 отсто од испитаниците, а во Германија 75 отсто. Повеќе од 50 граѓански групи под знамето на мрежата People vs Big Tech (Луѓето против највлијателните технолошки компании) во Европа бараат имплементација на овие правила.
Исто така, глобалната коалиција врши директен притисок врз компаниите да ги објават нивните изборни акциски планови. Истражувањето е нарачано од филантропската организација Luminate (Луминејт), основана од Пем и Пјер Омидијар, поранешен претседател на одборот на директори на платформата за онлајн продажба eBay (иБеј).
„Во последната деценија, големите технолошки компании започнаа сеопфатен напад врз нашите лични податоци, што го поттикнува денешниот генеративен бум на вештачката интелигенција. Никогаш не ја имаа нашата согласност бидејќи никогаш не ни дадоа значаен избор или вистинска контрола“, вели директорката за кампањи и медиуми на Луминејт, Алафија Зојаб.
Со примерок од 1.008 француски, 2.067 германски и 2.156 британски граѓани, истражувањето ги зеде предвид различните политички позадини, региони, полови и возрасни групи. Истражувачот на јавното мислење Даниел Баредо оцени дека резултатите од истражувањето покажуваат дека корисниците имаат длабоко разбирање за влијанието на социјалните медиуми врз демократијата.
„Се чини дека корисниците повеќе не се толку наивни како некогаш“, заклучил Баредо.
Политиката е само една гранка на индустријата која е потресена од вештачката интелигенција.
Употребата на вештачки генерирани содржини во политичките кампањи веќе им предизвикаа проблеми и на кандидатите и на гласачите и може во голема мера да ја отежни борбата против лажните вести и дезинформациите.
Откако американскиот претседател Џозеф Бајден официјално ја започна својата кампања за реизбор во април оваа година, спротивставената Републиканска партија одговори со видео, во кое тие го критикуваа Бајден користејќи фотографии целосно направени со технологија на вештачка интелигенција.
Тоа би можело да биде пресвртница во политичките кампањи, бидејќи првпат се користат фотографии направени исклучиво со помош на вештачка интелигенција.
Сопственикот и уредник на телевизијата Пинк, Жељко Митровиќ, пред неколку месеци на својата телевизија емитуваше серија видео клипови во кои со помош на вештачка интелигенција ги фабрикуваше изјавите на опозициските политичари Мариника Тепиќ, Вук Јеремиќ и Драган Ѓилас, со изговор дека се работи само за шега и сатира.
Извор : Demostat