Во последно време кафеаните во Скопје се претворија во оази за дружење, работа и за релаксација. Но, дали сè уште можеме да седнеме на нашата омилена маса без претходна резервација? И како влијае растечката цена на храната и на пијалаците врз нашите џебови?
Г-дин Бесим А., сопственик на ресторан во Скопје, вели дека скоро и да не можете да најдете слободна маса доколку претходно не извршите резервација, особено ако е викенд. Викенди и празници, додава тој, резервациите се задолжителни.
„Гостите мора да се најават и да направат резервација неколку дена однапред. Во спротивно, шансите да најдете слободно место се минимални. Иако цените на храната и пијалаците се зголемени, луѓето се гладни за дружење и атмосфера. Точно е дека во споредба со минатите неколку години, сега цените на храната се за скоро 50 отсто повисоки, но очигледно тоа не им претставува проблем на луѓето кои сакаат да се дружат по секоја цена. Гостите сакаат да се чувствуваат специјално, да имаат свое место каде може да се опуштат и да се дружат“, вели Бесим.
Но, очигледно, не сите можат да си дозволат ручек во ресторан.
Александар Манасиев, кој неодамна ги собрал најблиските свои роднини и пријатели во ресторан за прослава на крштевка на својот син, вели дека платил многу повеќе отколку што очекувал.
„Цените се двојно поскапени во споредба со изминатите години. Додека семејствата се радуваат на специјални прилики, нашите џебови се изразито празни. Но, ние се прилагодуваме и продолжуваме да уживаме во вкусната храна и дружењето. Важното е да ги споделуваме моментите со нашите најблиски“, коментира Манасиев.
И статистиката потврдува дека растот на цените на угостителските услуги продолжува. Во февруари годинава, во однос на февруари лани, се зголемени за 6,3 отсто. За периодот јануари – февруари 2024, пак, во споредба со истиот период од минатата година, е забележан раст од 6,3 отсто.
Во февруари годинава во однос на јануари угостителски услуги поскапеле за 0,1 отсто. Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групата Храна за 0,1 отсто.
Сепак, дали ќе се задржи оваа тенденција или ќе видиме нови промени во угостителската индустрија, останува да се види. ()