Секоја онлајн активност со себе носи ризици и потенцијални закани, кои најчесто ги таргетираат вашите лични податоци. А ризикот не престанува ако го исклучите компјутерот или го оставите вашиот телефон на масата, тој е присутен постојано додека сте приклучени на интернет. Голема паника ни предизвикува помислата дека некои од профилите на социјалните мрежи може да ни бидат хакирани или злоупотребени, а само замислете какви можат да бидат последиците ако нешто им се случи на вашите банкарски податоци.
Сајбер нападите се всушност многу чести и нивна најчеста мета се податоците – личните, особено банкарските, кои на „напаѓачите“ можат да им дадат пристап до парични средства и до богата корист.
Електронското банкарство значително ни ја олесни работата при посредување на трансакциите и плаќањата. Со само неколку кликови, сега успеваме да направиме што и да посакаме од каде и да сме, само со вклучување на интернет преку компјутерот или мобилниот телефон. Но, за да бидеме целосно безбедни треба да знаеме и како да се заштитиме. НЛБ Банка ве советува како со следење на само неколку едноставни чекори, можете да бидете сигурни дека вашите податоци се безбедни и дека никој нема пристап до вашата банкарска сметка.
Одберете сигурна и сложена лозинка
Овој совет веројатно го имате прочитано во секоја статија за безбедност на податоците на интернет. А тоа е така бидејќи лозинката е најмоќниот ѕид кој стои помеѓу вас и потенцијалните хакерски напади и закани. Секогаш имајте на ум дека вашата лозинка треба да биде составена од најмалку 8 карактери, да содржи мали и големи букви, а за екстра сигурност добро е да додатете и посебни симболи (!, ?, @, &). Откако ќе ја креирате лозинката, не кажувајте ја никому!
Внимавајте на измами и лажни меилови
Чест начин на измама на интернет се таканаречените „фишинг“ измами, во кои од корисникот се бара да посети одредена веб-страна, да остави лични податоци или да се регистрира со цел да исполни некое барање. Тие често доаѓаат во форма на e-мaил, порака или нотификација и директно му се обраќаат на корисникот. Потребно е да научите да ги препознаете за да се заштитите. Следниот пат кога ќе добиете сомнителен меил или порака кои од вас бараат да оставите лични податоци или да посетите страна која ви е непозната, пријавете го тоа кај некој од вашите технички повешти пријатели или побарајте професионална поддршка.
Користете сигурни веб страници за онлајн плаќање
Кога плаќате преку интернет важно е да ја проверите веб-локацијата и да користите, единствено, проверени и безбедни веб страници. Ако веб страната го има симболот за заклучување и URL кое започнува со „https“, а дополнително има и политика на приватност, контакт центар и „безбедносен печат“ тоа значи дека страницата е безбедна и дека информациите за плаќање се пренесуваат на сигурен начин.