Мозаик 06.08.2018 13:05

Како да летувате поевтино и поопуштено?

Како да летувате поевтино и поопуштено?

Ако во минатите години Македонците традиционално заминуваа на годишен одмор во јули и август, во последно време се почесто уплаќаат аранжмани за јуни или септември бидејќи во овој период од годината цените се пониски од 30 до 50 отсто во зависност од дестинацијата. Така, за септември агенциите нудат седумдневен престој во познатите туристички места на Егејското Море од 150 до 200 евра, пакет- аранжманите за Турција, Шпанија, Италија се намалени од 700 на 500 евра, а во Албанија за 100 евра може да се добие десетдневно сместување во солиден хотел.

Септемврискиот одмор не носи само заштеда на цената на аранжманот, туку вообичаено се е поевтино во местата за летување, како лежалките на плажа, изнајмувањето реквизити, бродски тури, пијалоци и јадење во ресторани, бродски тури и слично.

– Во последниве години се поприсутен е трендот на продолжување на летната сезона. Се повеќе луѓе го планираат главниот одмор во септември, бидејќи не само што сакаат да ги искористат поволните цени, туку и пријатното и топло време во овој период кога сонцето не е толку силно. Аранжманите за септември се бараат со речиси поеднаков интерес како и тие за јули или август. Нашите клиенти веќе се научија дека ако го испланираат и резервираат летниот одмор порано, тогаш можат да добијат и соодветен попуст. Затоа, голем дел од аранжманите за септември беа продадени веднаш, уште лани во декември кога за прв пат ја претставивме овогодишната понуда- велат во една туристичка агенција.

Туристичките работници тријат раце и со намалени цени на пакет- аранжманите ги чекаат оние што сакаат да ги избегнат гужвите и да имаат малку поопуштен одмор. Според нив, во прилог на туристите се и климатските услови, кои во овој период од годината се одлични за добар одмор. Времето е топло не толку како во јули или август, а деновите и натаму се долги и сончеви, но вечерите се посвежи и попријатни за спиење.

Во агенциите велат дека септемвриските цени кај нив се до 30 отсто пониски од тие за јули и август. Поради тоа има голем интерес од клиенти што се распрашуваат, но и веднаш уплаќаат.

– Септември е особено интересен месец за туристите. Цените се пониски отколку во врвната сезона, а временските услови се уште се одлични и овозможуваат да се помине убав одмор. Во ова време, исто како во јули и август, актуелни се аранжманите за Грција- велат туристичките агенти.

Пријатните септемвриски денови ќе натераат многумина кои веќе биле на летување да испланираат уште еден одмор во есенските денови, а туристичките агенции за сите нив подготвија атрактивни понуди. Најчесто станува збор за продолжени викенд- аранжмани или за понуда врзана за државниот празник 8 Септември.

– Во овој период од годината, по летните одмори и започнувањето на училишната година, посебно се интересни викенд- патувањата. Најчесто се бараат поблиски локации, повторно најпродавани се аранжманите за Грција, и тоа претежно за хотелско сместување, но голем интерес има и за одморалиштата во Бугарија. на клиентите им нудиме и европски дестинации, како Париз, Рим и други метрополи- велат во една скопска агенција.