Јавниот повик за мерка 1 од новата ИПАРД III програма овозможува кофинансирање во вид на неповратен грант во износ од 60% од вредноста на нов трактор и/или приклучна механизација. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) официјално ги објави деталите од новиот јавен повик кој е отворен за аплицирање до 1 ноември 2023 год.
Кој може да аплицира
Земјоделски стопанства кои може да аплицираат се:
Семејно земјоделско стопанство претставувано од физичко лице
Индивидуален земјоделец (ИЗ)
Земјоделско стопанство претставувано од правно лице
Земјоделското стопанство треба да биде регистрирано во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) кој го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Покрај земјоделските стопанства, на јавниот повик за мерка 1 може да аплицираат и:
Задруги
Здружени правни лица (за колективни инвестиции) кои се контролирани од земјоделски производители)
Правни лица со најмногу 250 вработени, односно микро, мали и средни претпријатија (МСП)
НАПОМЕНА: Во случај корисникот претходно да користел ЕУ поддршка за трактор, не може дополнително да аплицира за инвестиција во трактор во рамките на ИПАРД III Програмата. Ова ограничување не се однесува на земјоделските задруги и здружени правни лица.
Каков трактор може да се купи
Набавката на трактор треба да биде во согласност со горната граница за моќност во киловати согласно регистрираниот производствен капацитет на земјоделското стопанство.
Земјоделски производители – според регистрираната површина во хектари.
Сточари – според регистрираните добиточни единици (ДЕ)
Еден корисник може да набави еден трактор.
Прифатливи се набавки на трактори кои исполнуваат ЕУ стандарди кои се однесуваат на заштита на животната средина, особено во однос на границите на емисиите на гасови и загадувачки честички (Регулатива (ЕУ) бр. 167/2013), односно прва еколошка категорија, која ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 5 согласно Законот за возила.
Висина на финансиска поддршка
Вкупната финансиска поддршка која се исплаќа во вид на кофинансирање на инвестицијата изнесува 60% од вкупните прифатливи трошоци.
Процентот ќе се зголеми до:
65% за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области (согласно Листата на планински области)
70% за инвестиции во земјоделски стопанства предложени од страна на млади земјоделци (физички лица на возраст од 18 години до 40 години на денот на поднесување на барањето за финансиска поддршка) и/или земјоделски стопансва кои се сертифицирани како органски за предметната инвестиција
Минималната вредност на вкупно прифатливите трошоци на предложената инвестиција за оваа мерка не може да биде пониска од 20.000 евра во денарска противвредност не вклучувајќи ДДВ.