Економија 18.07.2018 12:05

Какви провизии ќе наплаќа Комисијата за хартии од вредност?

Какви провизии ќе наплаќа Комисијата за хартии од вредност?

Не фиксен како досега, туку променлив надоместок кој ќе зависи од успехот од работењето на Македонската берза и на Централниот депозитар ќе наплаќа од следната година Комисијата за хартии од вредност (КХВ). На последната седница, комисијата го донела новиот тарифник со кој се определуваат надоместоците што ги наплатува таа како регулатор на пазарот. Оттаму велат дека со новиот концепт, висината на провизиите што ќе и се плаќаат на комисијата ќе зависат од успешноста на работењето на двете институции.

„Со изменетите тарифни ставки се врши промена на постојниот модел на утврдување и наплата на надоместокот на Комисијата за надзор над берзите и депозитарите како процент од пазарна капитализација на сите сегменти на пазарот на последниот ден на тргување во претходната година односно кај депозитарите, процент од вкупната номинална вредност на сите запишани долгорочни хартии од вредност во депозитарот на последниот ден на тргување во претходната година и се воведува нов модел на наплата од одреден процентуален износ од приходите на берзите и депозитарите остварени од редовното работење, соопштуваат од КХВ.

Тврдат дека измените на тарифникот дошле по анализа на движењата на пазарот и дека се една од мерките што ги превзема новиот состав на Комисијата за да се развива пазарот. Со ова, се очекува, да се релаксира пазарот на хартии од вредност и  да им се овозможи на берзата и на депозитарот да ги остварат своите развојни проекти. Новиот модел ќе се применува од јануари следната година.