Законот за игри на среќа денеска е пред пратениците. Предлог законското решение кое со години се менуваше веќе е финално и сега предвидува објектите каде се организираат игри на среќа да бидат одалечени 500 мерти од училиштата, он лајн обложување да може да спроведува само ако си партнер со државата, а законот предвидува и новини во однос на трошоците кон државата на компаниите од овој бизнис. Вработените од оваа индустрија веќе се загрижени за својата егзистенција, а сопствениците на компании од овој сектор се сомневаат во политичка позадина во потребата од носење на вакво законско решение.
Од Асоцијацијата на спортски обложувалници како за последен пат упатија последен апел до пратениците дека не треба да се носи новиот закон за обложувалници бидејќи стотици фамилии ќе останат без потребните средства за егзистенција. Она што треба да се стори е само поголема контрола на државата и поригорозни казни за оние компании кои дозволуваат влез во обложувалниците и казината на лица помали од 18 години.
„Загрижувачки е како пратениците носат ваков закон. Ова носи затворање на легалните приредувачи на игри на среќа. Личните апетити се поголеми од грижата за европскиот пат на Македонија. Нема да стоиме мирно и да гледаме како се врши упад во бизнисот на игри на среќа и свесно се става клуч на врата на легална индустрија, која што во Буџетот на годишно ниво придонесува со повеќе од 280 милиони евра, вработува 10 илјади директни вработени, а повеќе од 54 илјади индиректни вработувања зависат од работењето на дејноста“, велат од Асоцијацијата на спортски обложувалници.
Едни од иницијаторите на ваквото законско решение е и здружението на граѓани од Тетово – „Антикоцкање“ кои велат дека обложувалниците во населено место може да направат големи проблеми кај младите луѓе. Што поблиску до децата толку повеќе достапност за обложување и трошење пари на работи кои не се во корист на младите, велат од здружението.
„Ние цело време се обидуваме да ги затвориме обложувалниците и казината, но од друга страна постојано се отвораат нови. Нови фирми доаѓаат тука, кој им дозволува тука да се отвораат нови? Затоа бараме државата да реагира. Не е точно дека ако се затворат спортските обложувалници и казина илјадници луѓе ќе останат без работа. Ние кога сме почнале со нашите активности биле вработени 1000 луѓе во овие објекти, сега има околу 10.000 луѓе вработени, утре ќе има и над 50.000 луѓе вработени. Ако се затворат, ниеден човек нема да остане без работа, тоа е ветување и од премиерот и од лидерите на партиите. Ниту сивата економија ќе порасне оти ние мислиме дека законот треба да функционира“, велат од Антикоцкање
Според информациите, државата веќе додели четири лиценци на странски компании кои ќе може да воведат интернет обложување, а со тоа да бидат и партнер на државата. Домашните обложувалници се против ова бидејќи на нив не им е овозможено да имаат услуга он лајн обложување само поради тоа што не сакаат јавно приватно партнерство со државата. Според законското решение, најголемиот дел од објектите од оваа дејност ќе мора да бидат затворени по носењето на овој закон. Временскиот рок за прилагодување со новите правила е една година. ()