Граѓаните можат да бидат спокојни – нема да има укинување на субвенциите за струјата од 1 јули годинава, а тоа значи дека нема да има ни двојно поскапување на електричната енергија. Ова минатата недела го потврди вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој рече дека неговото ветување може да важи само доколку следната Влада биде повторно предводена од СДСМ.
„Има одлука за субвенционирање на електрична енергија до 30-ти јуни оваа година, а секако следната влада која ќе биде предводена од СДСМ е спремна да направи одлуки во корист на граѓаните, а таква е и за субвенционирање на струјата. Ако дојде друга влада, прашајте ги нив – истакна Битиќи.
Со оваа негова изјава повторно се вратија вознемирувањето и паниката кај граѓаните, бидејќи, според резултатите од последните анкети, голема е веројатноста СДСМ да не добие доволно гласови на изборите за да може да формира нова влада, додека, пак, од опозицијата сѐ уште нема информации дали размислува за укинување на субвенциите.
Сепак ,енергетичарите и поранешните раководители во ЕСМ велат дека владата треба да гради нови енергетски капацитети, а не да ги крати субвенциите за струја и да ги плаши граѓаните со високи сметки за струја.
Тие предупредуваат дека укинувањето на субвенциите за струја ќе доведе до двојно повисока цена на струјата, што ќе го оштети стандардот на граѓаните и ќе го намали потрошувачкиот капацитет.
Граѓаните се вознемирени од целата ситуација и нејаснотиите во однос на високите сметки кои почнаа да им стасуваат.
Тие велат дека не можат на крај да излезат да ги платат сегашните сметки за струја, многу повисоки од претходно, уште помалку да плаќаат драстично повисоки сметки, ако треба да ги плаќаат оние 84% од цената на ЕСМ кои сега ги субвенционира Владата од државниот буџет.
Каква цена ќе определи ЕСМ без субвенциите од Владата ќе се види на тендерот за снабдување на новиот универзален снабдувач со струја на домаќинствата која ќе важи за периодот од 1 јули до 31 декември годинава.
Се очекува дека цената ќе биде значително повисока од сегашната, што ќе има негативни последици за економијата и животот на граѓаните. ()