Актуелно 10.05.2019 12:22

Ќе „мете“ ли премиерот Заев по луксузните хотели?!

Ќе „мете“ ли премиерот Заев по луксузните хотели?!

Најавената таканаречена кадровска „метла“ и реформите неопходни за ЕУ можат да почекаат бидејќи премиерот Зоран Заев одлучил да земе слободни денови од работа.

-Канцеларијата на претседателот на Владата, информира дека премиерот Зоран Заев во периодот од 10-ти до 14-ти мај ќе користи дел од своите слободни денови. Деновите, премиерот ќе ги земе заради приватни причини – информираат од прес службата на Владата.

Редакцијата на КУРИР се обиде да добие дополнителни информации од владината сектор за односи со јавност.

КУРИР го контактираше владиниот портпарол Миле Бошњаковски, но тој не ни даде конкретен одговор. Го прашавме каде ќе биде премиерот во деновите за кои Владата информираше дека ќе биде на одмор, а тој ни одговори дека испратиле соопштение. Му посочивме дека во текстот кој го испратија не е наведено каде ќе биде Заев во деновите кои ги земал за слободни, а тој ни одговори „Премиерот користи приватно слободни денови и тоа е информацијата“.

Медиумите објавија видео снимка од Ново Село, во која се гледа како премиерот вози мотор низ општината заедно со своите придружници, а со владините возила возачите и обезбедувањетo го следат и му носат опрема. Одреден дел од работите кои владините возила му ги влечат на Заев се во приколка, па не се знае што има внатре.

Познатиот колумнист Сашо Орданоски во својата колумна објавена на „ЦИВИЛМЕДИА“ со негативна прогноза за најавената метла во власта. Вели операцијата „метла“ на премиерот Зоран Заев е пропадната бидејќи ќе се занимава само со таксират-поединци, а не со неопходноста да се менува и системот.

Овој вид на квази-револуционерни политички зафати се, во принцип, однапред осудени на пропаст. Не затоа што премиерот и претседателот на СДСМ не може, теоретски, да смени и третина од функционерите со кои управува, туку затоа што кого и да го смени и кого и да го остави на функција, јавноста ќе биде подеднакво поделена, сите ќе тврдат дека требало (и) некои други да си заминат, а не токму или само овие; дека оној преживеал заради бизнисите на Вице, а овој затоа што е близок на Шекеринска или на Оливер; и дека зад некого застанало влашкото, зад другога прилепското, а зад некој трет женското или криминалното лоби; и сл. Значи, од аспект на јавната перцепција, постојат сите предуслови политичката штета да биде поголема од користа од целата оваа најавена кадровска вежбанка, пишува Орданоски и додава:

„Во јавноста, желна за „крв“ (модерно: „одговорност“), веќе се отворени обложувалници за тоа кои ќе бидат жртвите на „чистката“, а моите колеги, новинари, и на хигиеничарките во државните институции од некни им поттураат микрофони под носот со едноставно прашање: „Очекувате ли да ја преживеете ‘метлата’ на Заев?“… Функционерските одговори на ова прашање се движат од патетични до комични, иако тешко, низ вкочанетите насмевки, се крие навреденоста заради тоа што се доведени во ситуација да одговараат на овие евтини провокации.“

-Според тоа, како веќе пробан историски метод, можеби е добро Заев да размисли својата чистка да ја спроведе на Градскиот стадион во Скопје, пред триесетина илјади публика, билетите за овој настан да се делат преку општинските партиски комитети, настанот да трае цел ден, а публиката, во климакс, со кренатите палци нагоре или надолу и со гласно навивање да одлучува кому треба да му се „скине главата“, а кому не, подвлекува Орданоски.