Актуелно 22.08.2023 08:50

ЌЕ ПОСКАПИ, НЕМА ДА ПОСКАПИ? Брашното засега иста цена, а лебот може да скокне за денар-два

ЌЕ ПОСКАПИ, НЕМА ДА ПОСКАПИ? Брашното засега иста цена, а лебот може да скокне за денар-два

Мелничката индустрија подолг период кубури со пари и поради тоа одамна не планира резерви од пченица за подолг период, туку ги надополнува според цените на пазарот. Дополнително, годинава домашната пченица беше со слаб квалитет, поради што мелниците ќе треба да увезат поголеми количини поквалитетна пченица за да го добијат стандардниот квалитет на брашното.

Мелничарите моментално не планираат да ја зголемат цената на брашното, бидејќи и цената на конкурентското увозно српско брашно е некаде на ниво со домашното, или повисока од онаа на домашното. Но, тие не гарантираат дека во наредниот период цената ќе остане иста, ако на берзите продолжи растот на цената на пченицата, и ако трошоците за новите набавки се зголемат и се зголемат цените на конкурентското брашно од Србија.

– Засега цената е таа што ја имаме на пазарот. Домашното брашно е поевтино и од увозното. Но, дали цената ќе оди нагоре, не можам да кажам, бидејќи ќе зависи од конкуренцијата и нашите трошоци во наредниот период, односно цената на струјата, нафтата и се разбира на пченицата која се набавува за дополнување на резервите направени во јули. Моменталната берзанска цена е 21 денар за килограм. Претходно одеше и до 22 денари, може да падне и под оваа цена. Или моменталните набавки кои мелниците мораат да ги направат поради нискиот квалитет на домашната пченица ги чинат од 205 до 210 евра по тон за кои се плаќаат дополнителни царински давачки и цена на транспорт кои ги зголемуваат трошоците на 245 односно 250 евра по тон зависно колку е оддалечена мелницата од границата. Меѓутоа, цената на берзите варира секој ден и за секоја набавка е различна. Така ќе биде до Нова година, но потоа ќе видиме што ќе се случува, бидејќи вообичаено цените на берзите на почетокот на секоја година растат и има проблем со набавките – вели Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко-пекарска индустрија на Стопанската комора.

Мелничката индустрија подолг период кубури со пари и поради тоа одамна не планира резерви од пченица за подолг период, туку ги надополнува според цените на пазарот. Дополнително, годинава домашната пченица беше со слаб квалитет, поради што мелниците ќе треба да увезат поголеми количини поквалитетна пченица за да го добијат стандардниот квалитет на брашното.

– 90% од домашната пченица беше неквалитетна, но ние го намаливме критериумот за да бидеме коректни кон домашните производители и откупивме планирани количини по цена од 9 до 12 денари по килограм. Остатокот мораме да го увеземе за да добиеме стандарден квалитет на брашното, што нѐ чини повеќе од вистинската цена. Секаде цената, според берзите е 160 евра по тон, но ние плаќаме многу повеќе и до 250 евра поради транспортот и другите трошоци за увоз – појаснува Малишиќ.

Според него, моментално се прави паника со цените, па и најавата на одделни пекарници дека имаат намера да ги зголемат цените на лебот во септември е во тој контекст.

– Најавата е легитимна бидејќи се темели на трошоците, но нема да има големо поскапување бидејќи ќе се усогласат цените со трошоците, а тоа ќе значи 1 до 2 денари повисока цена на лебот, се разбира доколку се случи тоа зголемување – вели Малишиќ.

Тој додава дека од големите пекарници моментално нема најава за потреба од зголемување на цената на лебот.

– Кај нас нема најава за зголемување на цената на лебот. Претходно веќе имаше корекција на цените и мислам дека наредните месец-два нема да има ново зголемување на цената и ако има тоа ќе биде минимално. И, пак, ќе кажам сè зависи од случувањата на пазарот кои се зависни од актуелните политички состојби во светот – вели Малишиќ.

Претставници на дел од пекарската индустрија деновиве најавија дека од септември е неопходно ново поскапување на лебот, доколку државата не помогне за оваа индустриска гранка да не трпи големи загуби поради високите цени на пченицата на светските берзи, како последица на излегувањето на Русија од Договорот за извоз на украинско жито.

– Од крајот на јули, по излегување на Русија од Договорот за извоз на украинско жито, цените на берзите се зголемија за 10 до 15%. Исто така и покачувањето на цените на млечните и месни производи има удел, затоа што и овие продукти партиципираат во пекарската индустрија. Внимателно се следи ситуацијата и секој производител утврдува дали ќе ги покачи цените или ќе продава по исти цени – изјави Горан Ѓоргиевски, претседател на Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори.