Економија 21.08.2018 09:38

Ќе забави растот на економијата во САД

Ќе забави растот на економијата во САД

Царините на САД и високите буџетски дефицити ќе го забават растот на американската економија, според една студија на економистите од приватниот сектор во САД, цитирани од „Франс прес“.

Огромно мнозинство од анкетираните, над 90 проценти, сметаат дека сегашните давачки и заканите за нови давачки во иднина ќе и наштетат на економијата, според анкетата на Националната асоцијација за бизнис економија (NABE).

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп има намера да воведе од четврток, 23-ти август, царини од 25 проценти на втора група кинески стоки за 16 милијарди долари, откако во почетокот на јули воведе увозни давачки за стока од Кина во вредност од 34 милијарди долари. Пекинг има намера да примени одмазднички мерки.

Економистите, исто така, стравуваат дека економијата може да страда ако САД излезе од Северно-американскиот договор за слободна трговија (НАФТА), за кој во моментов преговара со Канада и Мексико.

Уште во средината на јули ФЕД забележа присуството на загриженост во американскиот индустриски сектор поврзана со царините, бидејќи цените на многу суровини, како челикот и дрвото се зголемуваат.

Во истражувањето беа анкетирани 251 економисти, кој се одржува двапати годишно. Тој посочува дека економските кругови се едногласни за ефектот од буџетскиот стимул предизвикан од намалувањата на даноците и зголеменото трошење на администрацијата на Трамп.

„Седумдесет проценти од економистите од приватниот сектор сметаат дека фискалната политика е премногу стимулирана“, рече Џим Дифли од „IHS Markit“, кој ја следи студијата. Во февруари оваа бројка беше само 52 отсто.

Многу големо мнозинство, 80 проценти, сметаат дека буџетската политика треба да има за цел намалување на буџетскиот дефицит во БДП-то.

Даночните намалувања кај кои данокот на добивка беше намален од 35 на 21 отсто, како и зголемувањето на трошоците, се очекува да го зголемат американскиот буџетски дефицит до 1.000 милијарди долари до две години – односно над 5 проценти од бруто домашниот производ (БДП), се наведува од Канцеларијата за буџет на САД во Конгресот (CBO) – независно тело кое редовно ги проценува финансиите на земјата.

Канцеларијата очекува дефицитот за 2018-та година да изнесува 4,2% од БДП-то.