До крајот на оваа недела се очекува пратениците да го донесат долго очекуваниот Закон за забрана на нефер трговски практики. Надлежните веќе истакнаа дека со неговото стапување во сила, ќе престане важноста на владината мерка во трговијата за гарантирани цени на прехранбените производи.
Властите уверуваат дека трговците нема да имаат можност веднаш да ги зголемат цените и на некој начин да си ги повратат планираните приходи кои ги загубија во месеците додека траеше засега актуелната мерка за замрзнати цени на дел од прехранбените производи. Економистите сметаат дека гарантираните цени не ги дадоа во целост посакуваните резултати.
Вториот дел од собраниската расправа за предлог решението кое треба да стави крај на нефер трговските практики е закажано за оваа недела. Опозициската ВМРО ДПМНЕ најави дека ќе поднесе амандмани се со цел да се донесе квалитетен закон за трговијата, но најмногу да ги заштити граѓаните од нови ценовни шокови во иднина. Опозиционерите потврдија дека ќе го гласаат Законот за забрана на нефер трговски практики, но побараа и од власта да ги прифати нивните амандмани бидејќи велат тие ќе бидат издржани.
„Нема да го постигнеме ефектот што сите го очекувавме затоа што гледаме дека и покрај инфлацијата секогаш во пракса трговијата може да биде немилосрдна, нема грижа за состојбата на граѓаните, со нивните примања, со нивната куповна моќ, видовме ситуација кога инфлацијата на храната дојде и до 30 до 40 отсто“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Експертите од институтот за економски анализи и политики Фајнанс Тинк подготвија студија во која се анализираат мерките на владата во последниве неколку години. Еден дел од истражувањето е токму и за влијанието на владините мерки за намалување на инфлацијата.
Експертите се на став дека целокупно мерките спасиле значаен дел од доходот на домаќинствата, посебно на посиромашните домаќинства и посебно мерките од последниот пакет кои се во сила во текот на оваа 2024 година. Гледано како удел во вкупниот доход, најголемо позитивно влијание овие мерки извршиле кај најсиромашните домаќинства. Но, проблематично за економистите е тоа што значаен дел од мерките беа нетаргетирани, и тоа најмногу важи за мерките кои се однесуваа на цените, како замрзнати цени или профитни маржи, намалување на стапката на ДДВ, субвенционирање на цената на струјата и парното греење и слично.
„Неопходно е да се размислува за замена на нетаргетирана мерка за замрзнати цени на основните прехранбени производи со друг контингент мерки, зависно проблемите што евентуално се присутни на терен. Ако постои нефер договарање за цените на прехранбените производи, во услови кога растот на цените на инпутите во производиот процес или на цените од увоз е значајно намален, а кај некои производи дури и негативен, тогаш треба да се впрегнат механизмите на антимонополското законодавство, вклучително и со законско проширување на надлежностите на Комисијата за заштита на конкуренцијата.“ велат од Фајнанс Тинк.
Не само што нема да има ново енормно зголемување на храната во маркетите, туку од министерството за економија најавуваат дека ќе следува период во кој ќе има континуирано намалување на цените на прехранбените производи. А за тоа ќе биде заслужно носењето на новиот закон со кој ќе се елиминираат нефер трговските практики кои досега ги применуваа дел од несовесните трговци.
„Законoт за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи уште на крајот на минатата година-во декември 2023 година, на предлог на Министерството за економија беше усвоен од Владата и доставен до Собранието. Законското решение со кое се става ред во нелојалната конкуренција во трговијата и се воведуваат фер практики помеѓу трговците и добавувачите во синџирот со земјоделски и прехранбени производи се очекува оваа недела да влезе во второ читање во комисиите во Собранието. Очекуваме ова законско решение кое е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаме да биде усвоено во најкраток можен рок. Со законот очекуваме да се намалат цените на прехрамбени и земјоделски производи“, велат за Денар Од Министерството за економија
Во последната објавена синдикална потрошувачка кошничка може да се забележи дека на едно четири члено семејство му се потребни над 21 илјади денари месечно, само за набавка на основните прехранбени производи. ()