Актуелно 05.10.2023 10:22

Кој ќе копа јаловина во РЕК Битола за 25 милиони евра?

Кој ќе копа јаловина во РЕК Битола за 25 милиони евра?

РЕК Битола урива рекорди по вредноста на тендерите за ископ. Овој пат станува збор за највредниот тендер за ископ на јаловина (не и јаглен) со рекордна вредност во последните 15 години (за кои има официјални податоци). Овој тендер воедно е и највредната јавна набавка што ја распишал ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) во последните 10 години!

Битолската градежна фирма „Марковски компани“ го доби најголемиот тендер што го распиша РЕК Битола (најголемата подружница на државниот производител на струја) во последниве 10 години. Станува збор за договор со кој РЕК Битола бара компанија која ќе има капацитет за да ископа до 4 милиони кубни метри јаловина од јагленовите рудници на најголемиот производител на струја во Македонија.

Јаловината, наједноставно кажано, е слојот земја со кој се покриен односно сокриен јагленот во утробата на земјата. Тоа е бескорисно количество земја кое мора да се ископа, транспортира и одложи за да може да се дојде до јагленот што е неопходен за горење во трите блока на РЕК Битола. Во овој случај односно со овој тендер геолозите на ЕСМ од РЕК Битола утврдиле дека за да се дојде до неопходниот јаглен е потребно да се ископаат до 4 милиони кубици (m3) бескорисна покривка (земја).

На тендерот на РЕК Битола, според официјални достапни податоци на Бирото за јавни набавки (БЈН) имало 2 понуди. Работата ја добил локалниот градежник „Марковски компани“ фирма која со години наназад е редовен контрактор на РЕК Битола специјализирана за копање јаловина и јаглен.

Во договорот за јавна набавка пишува дека вкупната единечна цена за еден кубен метар јаловина изнесува 2.871 денар. Ова е воедно и највисоката добиена цена согласно со јавните податоци на БЈН достапни на овој линк https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie-acpp/3fd526d3-167f-46b0-bbec-601f5e9c1846

„Марковски компани“ , според договорот, има три фирми подизведувачи. Две од нив се струмички компании „Сим Инженеринг“ и „Јавор Транс“. Тетата е компанијата „Топлина“ од охридското село Подмоље. Секоја од трите фирми подизведувачи има право да сработи најмногу до 10 отсто од вредноста на набавката односно од ископот на јаловина.

Договорот наведува дека ЕСМ има право да не мора да го реализира договорот во целост односно до неговата максимална вредност од 24,94 милиони евра (со вклучен ДДВ).

ЕСМ и „Марковски компани“ се договориле рокот за исплата на сработеното да биде 60 дена по прием на фактура. Меѓу другите обврски „Марковски компани“ треба да обезбеди превоз, исхрана, ХТЗ опрема, осигурување за сите свои вработени и ангажирани лица. Во тендерот е изрично наведено дека секоја незгода или несреќен случај е одговорност на „Марковски компани“ односно на носителот на набавката.

За успешно извршување на договорот „Марковски компани“ депонира нешто повеќе од 1 милион евра банкарска гаранција.

ЕСМ во договорот навел дека за неуредно и ненавремено извршување на обврските од договорот може да го казни „Марковски компани“ најмногу до 15 отсто од вредноста на договорот.

Претходно „Марковски компани“ добил тендер од РЕК Битола во ноември лани. Станува збор за ископ на јаглен и јаловина во рудникот за јаглен во Брод-Гнеотино (рудник во Општина Новаци) со вредност од 19,6 милиони евра.

Која е „Марковски компани“?

Според достапни официјални податоци „Марковски компани“ е приватна битолска градежна компанија основана пред 20 година, во 2003 година. Специјалност на друштвото е нискоградба. Сопственик на ова друштво кое вработува над 300 лица е битолчанецот Борче Марковски. Минатата година „Марковски компани“ имало вкупен приход од 30 милиони евра, а завршило со добивка од 6,65 милиони евра. Во јавноста е присутна информација дека Борче Марковски е почесен конзул на Белорусија во Македонија.