Во последниов период значајно порасна интересот за акциите на ТТК Банка. Иако влегува во категоријата на мали банки, ТТК е исклучително профитабилна, и е главната „златна кокошка“ на тетовскиот комбинат „Тетекс“, кој, пак, од пред неколку години се откажа од основната дејност, односно текстилот, но остварува сосема солидни приходи токму од работењето на оваа банка.
Вчера на Берзата поминаа три блок трансакции со акциите на ТТК банка, што значи дека се продавале акции за познат купувач. Со оглед што станува збор за три, а не за една трансакција, можно е да се различни учесници, во смисла да имало повеќе продавачи и еден купувач, или обратно, но такви информации засега не можат да се видат. Единствено доколку има промени и некој акционер дојде до над пет отсто од капиталот, тогаш тие информации би можеле да се видат на Централниот депозитар за хартии од вредност.
Инаку, во првата блок трансакција се продаоа 6.205 акции по цена од 1.250 денари за акција, или вкупната вредност на тој блок е над 126 илјади евра. Во втората трансакција поминаа 3.003 акции, по истата цена, или вкупната вредност на зделката е над 61 илјада евра, и во третиот блок поминаа 2.391 акција, повторно по истата цена, при што оваа зделка тежеше околу 49 илјади евра.
Кој купувал и кој продавал засега не е познато, но факт е дека за еден ден само преку блок трансакции од ТТК банка се истргуваа 11.599 акции, а вредноста на акциите што се свртеа вкупно тежи 236 илјади евра.
Со оглед на бројот на акции кои вкупно ги има издадено ТТК Банка, излегува дека овие 11.599 акции се мал процент од вкупниот акционерски капитал на друштвото, односно прецизно 1,2 отсто. Само во првта трансакција, пак, процентот на истргувани акции е 0,64 отсто.
Она што треба да се има предвид е дека покрај блоковите, и на редовното трггување се раздвижил интересот за акциите на ТТК. Односно, вчера биле истргувани на редовниот пазар 1.808 акции на банката, по истата цена по која беа блоковите, односно по 1.250 денари, што значи дека ппоминала сума од околу 37 илјади евра. Ова следува, пак, откако на редовното тргување поминала позначајна количина и пред околу една недела, и тоа се продале 3.450 акции, исто по оваа цена, што значи дека вкупната вредност е околу 70 илјади евра.
Која е причината за ваквата раздвиженост со акциите на ТТК банка нема информации.
Согласно податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност, во ТТК Банка единствен сопственик кој има над 5 отсто од акциите е токму тетовскиот комбинат „Тетекс“, кој поседува 41,38 отсто од акциите на банката, со што е практично единствениот мнозински и доминантен сопственик на оваа банка.
Покрај Тетекс, во банката има и повеќе ситни сопственици, и тоа 122 фирми, кои заедно поседуваат околу 19 отсто од капиталот, како и 1.774 физички лица, кои заедно располагаат со околу 39 отсто од капиталот. Странци, пак, држат само минорен процент од акциите.
Инаку, според полугодишниот Биланс на успех, ТТК банка за првите шест месеци од годинава остварила прилично солидна добивка од 914 илјади евра, што е значаен раст во однос на истиот период лани, кога добивката изнесувала 669 илјади евра.
На 18 минатиот месец ТТК Банка ја исплатила каматата за четвртата година на сопствениците на корпоративни обврзници – прва емисија, со камата од 3,5 отсто.