Банкарство 09.02.2024 08:39

Која е најбогата банка во Македонија? Располага со 4,5 милијарди евра!

Која е најбогата банка во Македонија? Располага со 4,5 милијарди евра!

Централната банка е чувар на македонските државни девизни резерви. Низ годините наназад Народната банка ги чува и управува со државните девизни резерви. И не само што ги чува туку низ годините континуирано ја зголемува нивната вредност. На крај на 2023 година нивната вредност е рекордна и изнесува 4,538 милијарди евра. За тие што се помлади и не знаат и за оние што заборавиле. Македонија со осамостојувањето во сега далечната 1991 година својот пат во независноста го зачекори без ниту една марка, фунта или долар. Првите девизи во народната каса влегоа од извозот на нашето национално богатство – тутунот. Чекор по чекор со посветена работа нашата Народна банка од тогаш досега изѕида 4,5 милијарди евра државни девизни резерви

Вредноста на државните девизни резерви на Македонија на крајот на 2023 година надминала 4,5 милијарди евра. Тоа е рекордна односно највисока вредност на македонските државни девизни резерви од осамостојувањето на нашата земја во сега веќе далечната 1991 година, покажуваат официјалните податоци на централната банка.

Со овие пари на народот управува, располага и за нив се грижи Народната банка која е централна институција во македонскиот банкарски систем. Девизните резерви на нашата земја се состојат од: монетарно злато, кеш во девизи, хартии од вредност издадени од други држави (во нашиот случај најголем број се тие на германската централна банка н.з.) и други финансиски инструменти.

Според јавно достапните податоци на Народната банка на крајот на 2023 година Македонија имала 4,538 милијарди евра девизни резерви. Убедливо најголемо учество во нив имаат хартиите од вредност (во најголема мерка германски државни обврзници н.з.). На крајот на претходната година Македонија во хартии од вредност чувала 2,36 милијарди евра.

Втора ставка според вредноста во која се чува државниот кеш се странските валути и депозити. Во кеш државата Македонија на крајот на декември лани има 1,76 милијарди евра.

Не е се во парите, има нешто и во златото. А злато чува и Македонија. Вредноста на нашето монетарно злато на 31.12.2023 година изнесувала 413,6 милиони евра.

Според достапната статистика на „Википедија“ за период од 20 години македонските девизни резерви се зголемени за 3,82 милијарди евра. Тоа значи дека биле 715 милиони евра на крајот на 2003 година и пораснале за повеќе од 5 пати во период од 20 години.