Банкарство 02.02.2024 08:31

Која е третата банка што направи профит поголем од 50 милиони евра?

Која е третата банка што направи профит поголем од 50 милиони евра?

Клучни новости се следниве: Стопанска банка Скопје лани прокнижи 104 милиони евра раст на кредитирањето. Воедно оствари најголем износ на нето приходите од камати, а е единствена во конкуренција на најголемите банки што бележи пад на нето приходите од провизии и надоместоци. Добивката е рекордна во 80 годишното постоење на банката и изнесува 56 милиони евра

„Стопанска банка Скопје“ ја заврши 2023 година со рекордна добивка која изнесува 56,4 милиони евра, потврдија објавените неревидирани финансиски извештаи за нејзиното работење лани. И оваа голема банка, која е препознатлива по тоа што има најголемо пазарно учество на сегментот работа со население имаше неверојатно успешна година пред се благодарејќи на глобалните случувања со каматните стапки и нивниот позитивен ефект врз нејзиното портфолио.

Добивката лани освен што е највисока во корпоративната историја на банката, која годинава одбележува 80 години постоење, во споредба со профитот за 2022 година е повисока за 17,8 милиони евра.

Само да напоменеме дека 2023 година по сите критериуми е година на апсолутна доминација на банкарскиот бизнис во економијата на Македонија. Тоа го потврдува и фактот што трите најголеми домашни деловни банки имаат профити кои се повисоки од 50 милиони евра. Меѓу нив годинава решаваа нијанси. Најголема добивка за лани има „Комерцијална банка“ и таа надмина 58 милиони евра, следува „Стопанска банка“ со повеќе од 56 милиони евра и НЛБ Бака со добивка поголема од 53 милиони евра.

„Стопанска банкаСкопје“ во оваа лута конкуренција на најдобрите е прва според нето приходите од камати. Тие за 2023 година достигнаа 93,24 милиони евра. Во однос на претходната споредбена година се повисоки за 25 милиони евра.

За сметка на тоа кај оваа голема банка има пад на нето приходите од провизии и надоместоци. И токму ова ја прави единствена во оваа конкуренција. Нето приходите од провизии и надоместоци лани изнесуваат 13,2 милиони евра.

Од нето приходи од курсни разлики и од останати приходи од дејноста банката инкасирала над 12 милиони евра. Со тоа нејзините оперативни приходи достигнале 118 милиони евра.

„Стопанска банка Скопје“, како и конкурентите, лани покажала особена грижа за своите вработени. Како? Ги наградила со 17,3 милиони евра што е за 1,72 милиони евра повеќе од 2022 година.

Резервациите на банката лани се на ниво од 23,37 милиони евра што е за 11,5 отсто повеќе од претходната година.

Но тоа и не е вест кога ќе се види нивото на кредитни пласмани. Главна вест е тоа што Стопанска банка Скопје го зголемила кредитирањето за 104,3 милиони евра и нивното кредитно портфолио достигна 1,5 милијарди евра!

Вредноста на вложувањата во хартии од вредност е 185,5 милиони евра. Во споредба со големите конкуренти оваа банка има најмали вложувања во обврзници.

Значаен раст има кај депозитната база. Нејзината вредност на крајот на 2023 година е 1,63 милијарди евра. А тоа е за 100 милиони евра повеќе од вредноста на депозитите на крајот на 2022 година. ()