Годинава се вработени стотина инвалидни лица со поддршка од државата. За вработените инвалидни лица средствата за придонес за пензиско и инвалидско осигурување, придонес за здравствено осигурување и придонес за вработување се обезбедуваат од државниот буџет. Вработените во заштитните друштва кои не се инвалидни лица и инвалиди на трудот се ослободуваат од плаќање на персонален данок од доход и за нив се обезбедуваат средства за придонес за пензиско и инвалидско осигурување од Буџетот.
„Во 2023 година (досега) доделени се средства за вработувањата на 97 инвалидни лица кои се вработени кај 77 работодавачи. Инаку, оваа година заклучно со 12.10.2023, со посредување на Агенцијата за вработување на РСМ вработени се 13 инвалидни лица, од кои 9 лица со пречки во развојот, 1 лице со телесна инвалидност, 1 лице инвалид на трудот, 1 лице со пречки во говорот и 1 лице со пречки во говорот и слухот“, велат од Агенцијата за вработување.
Условите и погодности за вработување и работење на инвалидните лица се уредени со Законот за вработување на инвалидни лица и Правилникот за критериумите и начинот на доделување на средствата од Посебниот фонд за обезбедување на услови за вработување и работење на инвалидните лица.
Заради финансирање на работите за подобрување на условите по горенаведените основи од вкупно остварените средства од постојниот придонес за вработување се издвојуваат 10 отсто на потсметката во Агенцијата за вработување на РСМ (Посебен фонд) најдоцна до 30 во месецот за претходниот месец.
„Во рамки на расположливите финансиски средства од Посебниот фонд се доделуваат неповратни средства за: 1. вработување на инвалидно лице на неопределено време (во износ од 20 просечни нето плати исплатени во државата за претходната година пред вработувањето за едно вработување, односно 40 просечни нето плати исплатени во држава за претходната година пред вработувањето за лица кои се движат со инвалидна количка или потполно слепи лица); 2. адаптација на работно место (до 100.000,00 денари); 3. набавка на опрема (до 200 просечни плати со основен критериум –број на вработени инвалидни лица и капитал и резерви искажани во бонитетот) и 4. работно оспособување на инвалидни лица заради вработување. Притоа, на правно лице кое не е заштитно друштво, од Посебниот фонд може да му се доделат средства за вработување на инвалидно лице и за адаптација на работно место на кое ќе работи инвалидното лице, додека на инвалидно лице кое самостојно врши дејност како трговец поединец и на заштитно друштво може да му се доделат средства од Посебниот фонд за вработување на инвалидно лице, за адаптација на работно место на кое ќе работи инвалидното лице и за набавка на опрема“, додаваат од Агенцијата за вработување.
Oд организациите кои работат на оваа проблематика, велат дека на лицата со попреченост им е тешко да најдат работа, но и тешко е истата да ја задржат и да знаат дека ќе имаат егзистенција во иднина. Наведуваат дека дел од овие лица имаат потешкотии долго да стојат, работат поспоро од другите, но апелираат колегите во работната средина да бидат малку потолерантни и да ги прифатат.
„Јас сум мајка на дете со попреченост и веќе 6 години барам соодветна работа за него, место каде нема да биде искористуван и ќе има соодветен третман. Моето дете сега има 26 години. Тешко оди за наоѓање на работа. На ова лица им треба работа, за да имаат плата, работен стаж, да плаќаат даноци, да бидат корисни за општеството“, вели Снежа Стојковска, мајка на дете со попреченост.
Овие лица најчесто добиваат работа во приватен сектор, се вработуваат во печатници или фабрики.