Резултатите од едно големо истражување спроведено во Европа покажале дека пациентите почесто умираат по рутински операции таму каде што медицинските сестри не се доволно образовани и стручни.
Со анализа на повеќе од 400.000 извештаи од пациенти е утврдено дека во болниците каде што сестрите се грижеле за помал број на пациенти и смртноста била помала. Во Велика Британија од минатата година на медицинските сестри им е потребна факултетска диплома.
Ова е најголемото истражување од овој вид во Европа, спроведено од страна на неколку универзитети, како европски, така и некои од САД.
Во истражувањето се тврди дека секој дополнителен пациент за кој треба да се грижи медицинска сестра ја зголемува можноста за смртност на пациентите за седум отсто во рок од 30 дена од денот на приемот во болница поради операција.
Меѓутоа, се додава дека оваа стапка се намалува доколку станува збор за медицински сестри со диплома.
Нивото на образование на медицинските сестри и бројот на пациенти за кои тие се грижат значително варира од држава до држава. На пример во Норвешка и Шпанија медицинските сестри се најобразовани. Во Англија медицинските сестри просечно се грижат за 8,8 пациенти, во Норвешка за 5,2, а во Ирска за 6,9 пациенти.