Банкарство 27.11.2023 09:35

Колку ученици и студенти се едуцирале со помош на Народна банка?

Колку ученици и студенти се едуцирале со помош на Народна банка?

Расте интересот кај младите да ја подобрат својата финансиска писменост. За ова сведочат и податоците на Народната банка. Од оваа институција одржуваат предавања на темата за основци, средношколци и студенти.

Заинтересираните училишта и факултети можат да се пријават за предавање преку пополнување на формуларот достапен на веб страницата на Народна банка. Од година во година бројот на заинтересирани се зголемува. Само годинава се реализирале 40-тина предавања.

„Народната банка спроведува едукативни предавања од 2012 година во континуитет на учениците од основното и средното образование, како и на студентите од високото образование. Предавањата се реализираат во вид на посети од страна на учениците /студентите во просториите на Народната банка или посета на вработените од Народната банка во образовните институции, а дел од предавањата се реализираат и преку он-лајн врска. Вкупно досега, откако постои финансиската едукација во Народната банка се остварени над 500 предавања на над 21.000 ученици/студенти.Заклучно до третиот квартал од 2023 година се остварени 38 предавања на ученици од основното и средното образование и од факултетите во државата. Интересот за предавања со годините континуирано расте“, велат од Народна банка.

Лани забележале рекорден број предавања, односно над 110. Предавањата ги следеле над 4.300 учесници.

„Во текот на 2022 година беа одржани вкупно 116 едукативни предавања за ученици од основното и средното образование, за факултетите и за учениците во предшколска возраст (рекордно најголем број одржани едукативни предавања во споредба со целиот период од 2013 наваму). Притоа беа опфатени 4.145 ученици од основното и средното образование, студенти и деца од предшколска возраст, а вкупниот број учесници вклучувајќи ги и професорите и наставниците изнесува 4.386. Во 2022 година се опфатени 6 факултети, 23 средни училишта, 45 основни училишта и 6 градинки. Во првата половина од 2022 година ги следеа презентациите он-лајн, а во втората половина од годината со физичко присуство во Народната банка во помали групи лимитирани максимум до 30 посетители, како и посети во објектите каде што учат учениците од предшколска возраст реализирани од страна на вработените на Народната банка. Во 2021 година презентациите во текот на целата година се реализираа он-лајн (вкупно 104 предавања) при што беа вклучени поголем број на ученици на предавањата и во такви услови беше достигнат рекорден број на учесници на предавањата од Народната банка (6.085) во анализираниот период“, додаваат од Народна банка.

Основците се запознаваат со работата на Народната банка и ја обработуваат темата лични финансии, средношколците плус се едуцираат и за платежните инструменти. Студентите се информираат за монетарна политика, финансиски систем, платен систем и платежни услуги, како и статистика.

Граѓаните признаваат дека не се доволно информирани за оваа тема.

„Имам некое делумно знаење, не целосно, но секој би требало да има некое основно знаење за финансиска писменост“, рече младата Даниела Р. граѓанка.

Друга граѓанка исто потврдува дека скоро и да нема познавање на темата финансиска писменост.

„Не знам ништо, туку парите во домашниот буџет ги распоредувам според претходното искуство“, додава Лена Ј. граѓанка.

Треба да знаеме да штедиме, да си поставиме краткорочни и долгорочни финансиски цели, да имаме контрола на трошењето и слично. ()