Банкарство 13.12.2023 08:06

Комерцијална банка на лицитација стана сопственик на Еуроникел за 37,9 милиони евра

Комерцијална банка на лицитација стана сопственик на Еуроникел за 37,9 милиони евра

Кавадаречки Еуроникел има нов газда, откако најголемиот доверител Комерцијална банка ја купи фабриката за 37,9 милиони евра. Ова е епилогот од лицитацијата на имотот на поранешно ФЕНИ, која се одржа токму по барање на банката.

Долгот кој Еуроникел го имаше кон оваа банка за земен, а не вратен кредит, сега, преку хипотека, се претвори во сопствнички удел. Банката денеска ја потврди информацијата.

„Согласно член 158 од Законот за хартии од вредност, Комерцијална банка АД Скопје известува дека на 11.12.2023 година во постапка за присилна наплата на побарувања од должникот „Еуроникел индустри“ ДОО с. Возарци Кавадарци, Банката се стекна со сопственост врз недвижен и подвижен имот за вкупна цена од 37.897.993 евра.“

ТВ 24 денеска ја контактираше банката, за да ја праша какви се намерите со фабриката, дали тие ќе ја работат или ќе бараат инвеститор на кого ќе му ја продадат. Од банката не упатија прашањата да ги испратиме на имејл, а одговорите би ги добиле од утре. ТВ24 од свои извори дознава дека банката веќе преговарала со сериозен странски инвеститор, за кого тврдат дека е една од најголемите металургиски компании во поширокиот регион. Од Синдикатот на Еуроникел велат дека ја слушнале инфорамцијата за новиот сопственик, но не знаат што да очекуваат од ова.

„Веќе втор месец како сме без плата. И покрај протестите и блокадите преку кои баравме УЈП да ни ги исплати парите за поврат на ДДВ, за да земеме плата, до денес тоа не се случи. Ја слушнавме веста дека банката станала сопственик и се надеваме дека брзо ќе се најде инвеститор, кој ќе ја работи фабриката, а ние ќе се вратиме на производство.“

Еуроникел веќе неколку месеци е во криза и не произведува, откако сопствениците од бахамската компанија Џи Сол кренаа раце од неа, бидејќи нивниот главен снабдувач со руда и фероникел Константинос Даскалакис во неколку дена, ненајавено ги намалил и ги изменил нарачките. Токму Даскалакис се споменуваше како можен купувач на Еуроникел.

Во меѓувреме, УЈП го тресеше работењето на фабриката, за да утврди дали има лажно побарување на ДДВ. Во Еуроникел работат 800 луѓе, а од фабриката живеат уште 2000 фирми и поединци. Ако работи со полн капацитет, овој комбинат за преработка на Фероникел учествува со 8 до 10 проценти во бруто домашниот производ. ()